Промовирано е новото дело ,,Полифонисти“ на академик Луан Старова

 

 

Во ,,Куќа на Уранија”( зграда на МАНУ), во Охрид, во рамките на Научната и уметничка визита – Охрид 2018, промовиран е најновиот -13-ти роман на Луан Старова, „Полифонисти” .

По тој повод, академиците Луан Старова и Васил С. Толе (секретар на Албанската академија на науките и уметностите), одржаа заедничко предавање : „Полифонија и Полифонисти“, а се однесува на регистрацијата на изополифонијата на списокот на УНЕСКО на нематеријалното наследство и на романот „Полифонисти“.

Академик Васил Толе е познат музиколог во сеседна Албанија, кому  преокупација му е заштитата на музичкото наследство.

Отаму идејата Старова и Толе, да ги спојат мелодијата и зборот, зборот како мајчинство и татковство,   во смисла на Блаже Конески: јазикот ни е последната татковина, но и во смисла на Мајка и Татко – столбовите во творештвото на Старова.

Музичкиот порив и меморија, од душата на човекот, не можат да ја избришат ниту победниците во војната, додека поразените ја пишуваат историјата. Таа се носи со себе и во егзил – една од носечките теми во создавањето на Луан Старова.

– ,,Животот во егзил, најчесто се одвива под знакот на бегалската судбина. Никогаш не стигнувате на вистинскоито место и во вистионско време!Балканците живеат во егзил во однос на Европа, но и во однос на самите кон себе!”, вели Старова.

Тоа е тема и најновиот роман на Луан Старова ,,Полифонисти”. Објавен е интегрално на сајтот на МАНУ, додека во рака можевме да го почувствуваме деновиве во Охрид,

после предавањето : „Полифонија и Полифонисти“.

,,Таков е мојот роман. Полифоното пеење е најстариот облик на вокално-музичко изразување на Албанците.Класичното полифоно пеење обично беше двогласно и трогласно, го негуваа старите медитерански народи, во прв ред, Корзиканците, старите Грци, но и други. Албанците се, можеби, единствени во светот, кои практикуваат четиригласно полифоно пеење. И семејството од мојата Балканска сага, ова пеење, како химна, го носи во својот егзил” – вели академик Старова, писателот кој себеси се претставува како Албанец-Македонец.

Луан Старова е жив пример на мостови и патеки, патокази за двострано движење. Затоа кај него, многу е близок односот помегу литературата и реалниот живот, фикцијата и фактографијата.

Последниот роман ,,Полифонија” и неговата Балканска сага, прикажуваат живот на едно семејство во текот на еден век, истовремено и колективаната вековна меморија.

Луан Старова е еден од ретките кој мисли и пишува на албански, стравувајќи да не го загрози мислењето и јазикувањето  на македонски,  и обратно. За него не постои идеално чиста припадност.

,,Национално- етничкиот феномен беше генератор на националните книжевности во периодот на создавањерто на државите – нации, посебно во периодот на Преродбата”.

,,Мојата балканска литературна сага ( 13 објавени романи) опфаќа период од еден век, дваесеттиот век, живот на едно албанско семејство во егзил (Албанија, Македонија, Грција,Турција) , додека на тематски план претставува спротвставување на балканскиот реалистичен роман од втората половина на 19.и 20. век”,прецизира Старова.

(Веле Митаноски)