Промоција на „Нови драми“ од Томислав Османли

Книгата со двата нови драмски текста ќе ја промовираат Ферид Мухиќ, Глигор Стојковски,а одломски од пиести ќе читаат актерите Јана Пауноска и Филип Кипроски

             Во петок, 27 септември, во Салонот 19,19 ќе се одржи промоција на книгата „Нови драми“ од Томислав Османли во издание на ВиГ „Зеница“. Книгата со двете најнови драмски творби на македонскиот прозаист и драматичар ќе ја претстават: издавачот и писател Глигор Стојковски, посебно обраќање ќе има книжевникот Ристо Лазаров и, како главен говорник на промоцијата, академикот Ферид Мухиќ.Дијалозите од пиесите ќе читаат актерите Филип Кипроски и Јана Пауноска.

            Книгата на Османли содржи две пиеси, една со историска, и другата со современа тема. Станува збор за неговите најнови драмски текстови „Нишала од злато“ која се случува во Охрид од раниот 19. век, а епосветена на темите на страста, моќта, суровоста, гордоста и одмаздата во мултикултурата на Балканот; и пиесата „Враќање дома“ која говори за етичката и општествената  амнезија на традиционалните ведности, еден од мотивите кои ги тераат младите да ја напуштаат земјава…

           -Двата драмски текста имаат еден стожер – вели писателот Глигор Стојковски – Тие се блиски според густата драмска структура, според тревожните, трагични судбини на ликовите…и според основниот симбол – домот,главниот стожер врз кој се потпираат разгранетите идеи, богатите социолошки, политички, културолошки, психолошки анализи кои толку убедливо и јасно нѝ ги принесува нивниот автор.

 Секоја од двете драми е проследена со исклучителните поговори на двајца истанкати литерати и критичари: „Анатомија на драмата на страстите“ од Акад. Ферид Мухиќ и критичката согледба „Пред налетот на епохата на безумието“ од Ристо Лазаров.

Во својот текст „Анатомија на драмата на страстите“ Мухиќ истакнува:

„…Со дарбата на исклучителен драмски писател, повеќекратно и уверливо потврдена во неговите досегашни драмски текстови,  во оваа пиеса Томислав Османли исклучително ефектно и смело, книжевно ја посредува токму таа драма: драмата на страстите! Резултатот е полнокрвен драмски текст кој не е анхронизам ниту реанимација на одамна напуштените драмски форми, не е имитација  на класична античка трагедија ниту на Шекспир, туку автентична  трагедија, со сите квалитети на универзална антрополошка драма: драмата на судирот на личното и општественото изразена како судирот меѓу страста и совеста! Овие квалитети пиесата на Томислав Османли, ,,Нишала од злато“, ја воздигнуваат на ниво на еден вид крајно ретка, и во многу нешта – единствена! – доследно проследена анатомија на драмата на страстите, базирана врз конкретни историски ликови,  прецизно лоцирана и хронолошки и просторно! “

Во својот аначлитичен осврт кон пиеста „Враќање дома“ која се случува во нашава современост, писателот Ристо Лазаров пишува:

„…Пред нас имаме пиеса која можеме да ја наречеме и пиеса – крик. Самиот крај е такво крешчендо: крик во полза на тоа да се заборави се’ (иако немаме право на тоа) и се  да оди во мајчина му (имаме право и на посочни пцости). Со длабока свест за тоа дека немаме право – како што вели еден од јунаците на драмата –   ’да измислуеме минато, да не си ја бришеме прошлоста, како никаде и никогаш да не постоела. Имаме на што да се сеќаваме’.  Баш како што сега имаме што да заборавиме, час побргу. (…) Ова е пиеса во која горчливо и болно звучи, благодарејки на преживеаната декада на безумието, прашањето: дали градот во кој си ги поминал најубавите мигови од животот треба само да се сака, а не и да се живее во него?  Пиесава е пишувана и се однесува на едно нарушено, во секој поглед исчашено време. Време во кое век е станува тешко да се разликува доброто од злото, ползата од штетата.

Томислав Османли на македонската книжевност ѝ подарува две врвни драми – заклучува книжевникот Глигор Стојковски во својот преговор насловен „Лажните домови“ – Тие се читаат во еден здив, остануваат долго во свеста на читателот… впрочем, како што останува секое врвно книжевно дело.

Пред неколку месеци, издавачаот „ВиГ Зеница“ ги публикуваше и двете тематски книги насловени „Драми за Скопје“ на Томислав Османли.

Објавувањето на книгата „Нови драми“ е поддржно од Министертвото за култура.