Пронајдена дрога во домот на 29-годишен студент од Јордан во Скопје

Секторот за внатрешни работи  Скопје поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија, а врз основа на Наредба од Основен суд Скопје 1 Скопје, на 09.02.2018 година изврши претрес на дом и други простории кај лицето М.А. (29) студент од Јордан, со живеалиште на ул. „Руѓер Бошковиќ“ во Скопје.

При претресот пронајдени се 133,75 грама марихуана, 19,85 грама амфетамин; 26 таблети (Ekstazi-МDMA), една дигитална вага со остатоци од марихуана и амфетамин и огледало со остатоци од амфетамин и кокаин. Предметите биле одземени со потврда за одземени предмети.

За време на претресот, во домот на М.А. биле затекнати и лицата Ѓ.А. (31) од Куманово и Ж.М. (20) од Тетово со адреса на живеење во Куманово, а во текот на вршењето на претресот во домот влегол и Д.С. (19) од Скопје. Полициските службеници извршиле преглед кај овие лица. Притоа, кај Д.С. била пронајдено една кесичка со марихуана, која со потврда била одземена, додека кај лицата Ѓ.А. и Ж.М. не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело.

Сите четири лица биле лишени од слобода и во Полициската станица Гази Баба со нив бил извршен разговор. За настанот и преземените активности бил информиран Јавен обвинител. На лицето М.А. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.