,,Пропеа“ уште еден обвинет за упадот во Собрание на 27 април

Во Кривичниот суд на денешното рочиште за настаните од 27 април во Собранието, обвинетиот Захарие Симовски ја изнесуваше неговата одбрана. Според неговите искази, тој учествувал во настаните од 27 април, како и претходно во протестите со иницијативата „За заедничка Македонија“, по наредба на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на кого му бил личен телохранител од 2015 година.

Во неговото хронолошко сведочење за настаните рече дека Василевски-Нинџа примал наредби од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски и од началникот во Управата Никола Бошковски, кои биле во постојана комуникација со него. Најчесто средбите ги одржувале во кафе барот „Аристократ“, каде, според Симовски, имало галерија која била наменски уредена за вакви средби. Симовски сведочеше дека по средбите бил известен од неговиот шеф дека имаат „одврзани раце“ и оти ќе бидат заштитени од државата. Нинџа му дал и пиштол за кој му рекол да го носи по потреба.

Симовски рече дека во 2016 година на протестите пред ДИК кога чекале наредба да прават нереди и да фрлаат со молотови коктели, биле известени од Нинџа дека директорот на УБК Атанасовски дал наредба да се запалат домовите на Радмила Шекеринска и Петре Шилегов и автомобилот на Љубомир Фрчковски.

– Јас имав задача да ги најдам локациите и ги известив дека во домовите на таргетираните лица нема никој, како и дека бараното возило на Фрчковски, не е на паркингот пред неговиот стан. За среќа не дојде до таков настан, истакна Симовски.

Обвинетиот рече дека учествувал и на протестите на „За заедничка Македонија“ на кои најчесто тргнувале од пред ТЦЦ Плаза и многу често неговиот шеф Нинџа влегувал во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на средба со функционери, а имал сознание дека се сретнувал и со тогашниот премиер Никола Груевски.

На 27 април во кафе барот „Дион“ стигнал околу 14 часот, а претходно му било јавено да го земе оружјето, кое, како што наведе, никогаш не го употребил. По средбата во кафе барот тргнале кон Собранието каде прво влегле во пленарната сала, а потоа кон прес-центарот.

– Кога обезбедувањето на пратениците пред прес-центарот испука кршум, го видов Игор југ како репетира пиштол, а јас само го допрев мојот пиштол преку облеката, истакна Симовски, додавајќи дека влегле во салата и потоа излегле и сите од групата се нашле пред споменикот во „Жена парк“.

Таму констатирале дека се измамени и изиграни од власта, посебно од Управата за безбедност и контраразузнавање која најчесто ги контактирала и организирала групите.

Одговарајќи на прашање, обвинетиот рече дека не е сигурен, но мисли оти и обвинетиот Јане Ченто носел оружје.

На почетокот на изјавата на обвинетиот, неговиот адвокат пред поставувањето на прашањето рече дека очекува од Симовски денеска да биде третиот херој кој ќе ја каже вистината со цел да се дојде до правдата.

МИА, преземено од Локално