Убиец! Затвор! Кој посегнал да убие куче, утре ќе убие дете!- беа само дел од скандирањата на стотина револтирани граѓани, што денеска после пладне  протестираа пред зградата на човекот, што вчера околу 17.00 часот, ладнокрвно со секира закла куче на плочникот пред кафулето „Радио бар“.

Освен јавна морална осуда,насобраните побараа и кривична одговорност за сторителот на овој грозоморен чин, што според законот, треба да одговара за повеќе кривични дела.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, велат дека ќе следуваат кривични пријави, по повеќе основи, а казната може да биде од 5 до 15 години затвор.

– Овој човек што вчера си дозволил со секира да убие куче, верувајте дека е подготвен утре сред бел ден на кој било да му ја отсече главата. Казната што според ова дело може да ја добие за мачење и малтретирање на животно е затвор од една година. Меѓутоа, ние ќе поднесеме кривични пријави за предизвикување на општа опасност и во договор со нашите адвокатски тимови ќе поднесеме уште неколку обвиненија,кои можат да се санкционираат и од 5 до 15 години затвор. Мора да се преземат итни законски санкции, за да стане јасно дека никој никогаш повеќе не смее да стори ништо слично, изјави претставник од ова Здружение.

Протестот го обезбедуваа десетина полицајци. Иако вчера, сторителот на ова дело бил приведен, по краткиот разговор, наводно било констатирано дека тој е нервно растроен и бил пуштен дома.

Извор:Макфакс