Проф.д-р Горан Коевски нов декан на Правен факултет

Од денеска и официјално, откако предлогот помина на Сенатот при УКИМ, проф-др Горан Коевски е нов декан на Правен факултет ,Јустинијан Први“ во Скопје.

Ова е резултат на деблокирањето на процесот на именување нов декан, откако неодамна вишиот Управен суд донесе пресуда во корист на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со која се потврдува пресудата на Управниот суд во врска со тужбата на најстариот правен факултет во земјава, која се однесува на оспорената постапка за избор на декан од страна на просветната инспекција.

Пред неполни две години, во јуни 2015 година, Коевски беше избран за декан на Правниот факултет, но постапката се проблематизираше откако државните просветни инспектори утврдија дека наводно Наставно-научниот совет има донесено противправна одлука за започнување на постапка за избор на декан на факултетот. На 19.6.2015 година, професорот д-р Горан Коевски беше утврден како единствен кандидат за декан од страна на Наставно-научниот совет на факултетот и беше предложен за избор до ректорот, каде што практично и се проблематизираше самата постапка. Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука на Република Македонија  ја прогласи за противправна и незаконска оваа одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет.

До добивањето на правната битка, функцијата декан ја извршуваше Борче Давитковски, кого требаше уште 2015 година да го наследи професорот Горан Коевски.

 

АКО.мк