Путин верува дека Иванов со авторитетот и искуството ќе придонесе за стабилизација на Македонија

Со особено внимание следиме се што се случува во вашата земја. Посакуваме внатреполитичката ситуација во Македонија да се развива согласно Уставот и демократските принципи. Уверен сум дека вашето искуство, вашето влијание и авторитет ќе придонесе за тоа, истакна Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на средбата со македонскиот Претседател Ѓорге Иванов денеска во Москва.

Тој изрази задоволство дека македонско-руските односи се унапредуваат и, како што рече, „има позитивно движење во економската размена“.

На почетокот на средбата, Путин му ја честита наградата на претседателот Иванов што вчера му ја врачи Патријархот на Руската православна црква Кирил.

Македонскиот претседател изрази ообено задоволство што токму на овој ден, кога се одбележува празникот Свети Кирил и Методиј има средба со него.

– Посебно задоволство ми причинува и добивањето на признанието на Меѓународниот фонд за единство на православните христијански нации што го носи името на Неговата Светост, патријархот Алексеј Втори. Ова признание ни е дотолку позначајно и подраго бидејќи се доделува за 2016 година, година кога одбележавме 11 века од упокојувањето на Св. Климент Охридски, најверниот и најталентираниот ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Живата Кирило-Методиева традиција и денес ги поврзува нашите братски народи – рече Иванов на почетокот на средбата со Путин.