Путин го смени шефот на Рускиот институт за стратешки истражувања

Денес е сменет првиот човек на Рускиот институт за стратешки истражувања (РИСИ), Леонид Решетњиков, а на негово место од 4 јануари 2017 година е назначен доскорешниот шеф на руската разузнавачка служба, Михаил Фрадков.

Указот за смената денес го потпиша претседателот на Русија, Владимир Путин.

Во указот, без образложение, се наведува дека Решетњиков е сменет од должноста шеф на државниот научен институт од почетокот на јануари идната година.

Решетњиков на таа должност беше од 2009 година, а претходно беше директор на Одделот за аналитика на надворешната разузнувачка служба.

На местото директор на РИСИ тој активно се занимаваше со Балканот и отвори огранок на Институтот во Белград.

Остро го критикуваше Западот и ориентацијата на Србија и другите балкански држави кон ЕУ.

Посебно остро го напаѓаше премиерот на Црна Гора во заминување, Мило Ѓукановиќ, поради неговите заложби за евроинтеграцијата на државата.

Решетњиков, како и шефот на Одделот за Балканот на тој институт, Никита Бондарев, отворено ги поддржуваа „проруските“ Демократска партија на Србија и Српската радикална партија, наведувајќи дека со нивното влегување во парламентот, на Русија ќе и биде многу лесно да ги остварува своите интереси во Србија.

Решетњиков стално нагласувал дека Институтот е директно под ингеренции на претседателот на Русија кому константно му давал анализи на случувањата.