Путин и Ердоган во завршни договори за Турски поток

Договорите за изградбата на гасоводот за руски природен гас преку Турција би требало да бидат финализирани утре, кога во Истанбул ќе се состанат претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган.

Во интервју за агенцијата Анадолија, во пресрет на Светскиот конгрес во Истанбул, рускиот министер за енергетика, Александар Новак рече дека формулирањето на меѓувладината спогодба за изградба на гасоводот

Турски поток во голема мера е договорена.

Со проектот којшто Путин го најави во декември 2014 година, при посетата на Турција, се предвидува гасот по дното на Црно море да се пренесе до западната турска покраина Тракија.

Еден цевовод со капацитет од 15,75 милијарди кубици ќе го снабдува турскиот пазар, додека друг цевовод ќе пренесува гас во Европа, наведува агенцијата Анадолија.

Компанијата „Гаспром“ пред отприлика еден месец соопшти дека изградбата на гасоводот може да почне кон крајот на 2017 година, ако договорот биде потпишан во октомври, и дека работите би траеле две години.