Работниците клечат пред сопствениците

Ова е само еден од насловите во српските медиуми деновиве, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како работниците во јужнокорејската фабрика YURA во Лесковац клечат покрај сопствениците.

Но, всушност може да се разбере дека станува збор за некаков рекламен спот, кој за волја на вистината и не е многу прикладен за овие простори.

Секако, српската јавност бурно реагираше на оваа снимка, бидејќи традиционалниот начин со клечење кај корејците, кај нас се доживуваа како покорност, понизност, а некои работници анонимно ги пријавија корејските менаџери за мобинг.

Инспекциските служби за труд веднаш испратиле инспектори во YURA, а од државниот инспекторат нагласуваат дека ова е 24 пат годинава таму да испраќаат инспекција по пријава на работници.

Неодамна се крена голема прашина во Србија откако синдикалната организација ,,Слога” објави шокантни податоци за злоупотреба и мобинг на јужнокорејскиот инвеститор врз вработените во фабриката во Лесковац, каде работат 1.700 работници.

Претседателот на синдикатот Жељко Веселиновиќ ја шокираше јавноста со податоците прибрани од искази на работниците кои тврдат дека јужнокорејските менаџери не им дозволуваат да одат во тоалет, а кога реагирале дека не можат да издржат, овие ги советувале да носат пелени. Или, тие тврдат , наводно дека има случаи на физичко и сексуално злоставување, како удирање со прачка или сексуално вознемирување со напаѓање и пипкање на работничките.

Пред пет години, пет работници беа избркани од фабриката, кога се обиделе да основаат синдикат.

Јужнокорејската фабрика за електрични кабли YURA е отворена 2010, а просечната плата е 362 евра.