Радев : Заев не се извини, бугарската Влада да утврди дали има прекршување на Договорот

Бугарскиот претседател, Румен Радев, не е задоволен од напишаното објаснување на македонскиот премиер Зоран Заев на неговиот ФБ профил во врска со изјавата чие е Илинденското востание.

Според Радев, тоа што го напишал македонскиот премиер Зоран Заев на Фејсбук не е извинување како што тврдат бугарските медиуми.

– Вие слушнавте ли дека  има извинување? Јас не слушнав. Тоа на Фејсбук не е извинување. Заев посочи дека се работи за грешка, но не го коригира тоа што го изјави. Не може сѐ да се сведе на политички пи-ар и долгорочно да не се размислува. Ја повикувам Владата на Бугарија да утврди дали е прекршена некоја одредба од Договорот за добрососедски односи со Македонија – рече Радев.

Овој дел од изјавата почнува на 4 минута:

Заев во петокот на Фејсбук изрази жалење затоа  што неколку дена претходно изјави дека „Илинденското востание е македонско“, на што реагираше неговиот бугарски колега Бојко Борисов порачувајќи му дека пред да каже нешто треба добро да размисли.

Заев напиша:

,,Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство.“

АКО.мк