Развојната образовна реформа на Царовска по Грујо-стил

Пишува.проф.д-р Катерина Тодороска

            Кога ќе чуете или прочитате за процес на образовна реформа, првата мисла ви е дека тој процес ќе има почеток, препораки, дискусии и спроведување на реформата. Бидејќи, нели, реформата претпочита да се внесат позитивни новини во еден од најважните сегменти во општеството.

            За иницијаторите, реализаторите и дистрибутерите на таквата реформа тоа би значело дека се најповикани за областите/темите за кои се предвидуваат позитивните измени. И се разбира, за тоа сите се залагавме. Професионалци, професионално да си ја работат работата од својот делокруг на знаења и познавања. Но, за некои тоа била флоскула додека да ја почувствуваат моќта на столчето кое, нели, сега тие долго ќе го владеат.

И досега вакви тажни „реформи“ помпезно нѝ беа најавувани и од претходни иматели на најпосакуваното тронче во МОН, но позитивни резултати не видовме. Напротив. Со секоја „декадентна реформа“ образованието тонеше и тонеше до степен на негова декадентност.

И кога посакував поголемо дно во работата на МОН и македонското образование да не видиме, имател на трончето стана Мила Царовска. Таа, на 15 декември 2020 год. најави реформа, според мене, преамбициозно истретирана како развојна образовна програма.

Во политички услови на целосен економски, социјален, здравствен и да не набројувам, колапс на македонската држава, во кој моментално се наоѓаме, најважна тема за реформирање се најде да биде фузирањето на историјата со други предмети.

Се разбира, за потребите на трончето, за итноста и „ажурноста“ на подготвениот план бил именуван тим за беспоговорност. Можеби не требало да има историчари во тимот или има, тоа би биле индивидуи од калибарот на лица досега несоодветно (до)платени за својата без‘рбетност. Секако, што ќе им се искуствата на долгогодишните практичари кои катадневно ги спроведуваат наставните планови и програми донесени од македонските институции? Што ќе им е познавањето на континуитетот на светските искуства во однос на историската наука, историското образование и историските теми, есенциални за соодветната држава?

Работата на промените во наставните планови и програми во историјата како наставен предмет, на базно ниво, тргнува од проучување на историјата за наставата по историја.  За таа цел, „тимот“ најмалку што требало да направи било да ги исчита објавените трудови во врска со темата. Колку за основна литература посочувам:

– Марија Јовановиќ, Просветно-политичките прилики во Вардарска Македонија (1918-1929), Скопје 1983.

–  Основното воспитание и образование во Македонија: (1944-1950), Скопје 1990.

– Нада Јурукова,Просветната политика на АСНОМ, Извор: АСНОМ : педесет години македонска држава : 1944-1994 : прилози од научен собир одржан на 17-18 ноември 1994. – стр. [411]-421, Скопје 1995.

– Avzi Mustafa, Edukata dhe arsimi nëpër shekuj: (studime dhe artikuj), Shkup 1997.

– Avzi Mustafa, Zhvillimi i shkollës fillore shqipe në Republikën e Maqedonisë 1945-1975

Shkup 1998.

– Сефадин Елези, Наставата по историја во основното образование од 1945-1990 година : (докторска дисертација), Скопје : Филозофски факултет, Институт за историја, 2000.

– Виолета Ачкоска, Историјата како потреба-помеѓу минатото и сегашноста, Извор: Годишен зборник = Annuaire. ISSN 0350-1892. – Кн. 61 (2008), стр. 217-233, Скопје 2008.

            Ова може да се истретира и како навредливо лимитирана литература во однос на онаа која би требало да се консултира, а јас селекцијата ја направив врз основа на соодветоста на податоците кои би биле употребливи за почеток на било каква реформа во однос на предметот историја во македонското образование. Сепак, ќе помогне да се создаде основна слика за изучувањето на историјата која има и историја.

Непосредно, после Втората светска војна биле отворани учителски школи каде требало да се до/образува кадар за учители. Во тоа време историја и географија се учеле во еден предмет. Но, тоа го побарувале условите за забрзани курсеви за учители, кои требало да станат дистрибутери на основите на образованието во повоената македонска држава. Со новите образовна измени од 1957 година биле споени предметите историја и земјопис како еден наставен предмет за основните училишта, за подоцна, во 1961 година биле одвоени од една страна историјата, а од друга, земјописот бил преименуван во географија. Секако, во тоа време немало ниту соодветна продукција на наставни и научни материјали по историја на македонски јазик, ниту институции кои би ги истражувале. Во тоа време, од истите причини, се прибегнало кон фузирање и на математиката со физиката, хемијата со биологијата итн. Тоа бил начинот на создавање на основите  на образованието по титов стил.

            Покрај тоа, за почетниот чекор кон оваа т.н. реформа, нужно треба да се земат предвид и современите меѓународни текови во сферата на историјата на Балканот.

  1. Еве еден пример, за тоа, колку е значајна историјата. За атакот врз историјата како процес за обезличување на балканските народи, но и потребните чекори за нејзино зачувување, на 13 јуни 2020 год., во белградскиот Центар за културна деконтаминација беше објавена Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“. На Декларацијата работеа некои од најеминентните историчари од земјите од регионот. Со намера да се истакне значењето на ваквиот документ, Декларацијата, освен историчарите, ја потпишаа и некои од највлијателните личности од академскиот, јавниот, политичкиот и културниот живот како што се: Флоријан Бибер, Александар Хемон, Дубравка Угрешиќ, Ида Престер, Лана Басташиќ, Хрвоја Класиќ, Игор Штикс, Светлана Слапшак, Андреј Николаидис, Иван Чоловиќ, Филип Давид, Иво Голдштајн и многу други.
  2. Целиот текст на DEFEND HISTORY – DECLARATION – може да се прочита на – https://drive.google.com/drive/folders/1-DQ8edN-TS3W5 hhJTWYSkhrP515F Xh

„Ние, потписниците на оваа Декларација, стоиме зад следниве принципи:

Историјата е наука.

Историјата е динамична.

Историјата е дисциплина на критичкото мислење.

Историјата е мултиперспективна.

Историјата е целовита.

Историјата е наднационална.

Историјата е контекстуална.

Историјата е рационална.

Историјата не е мит, догма, религија, идеологија или емоција. Во неа не се верува, на неа не ѝ се суди, таа не се обвинува, за неа не се навива. Таа го истражува минатото, настојува да го разбере и да го објасни. Таа нас нé учи да ја разбереме сложеноста на минатото за да можеме рационално да се соочуваме со сегашноста и реално да ја проценуваме иднината.

Историјата е слободна.

Како и секоја наука, историјата може да се развива само ако истражувањата се слободни од какви било политички, идеолошки, верски или економски притисоци. Не може да има подобни и неподобни историчари, „патриоти“ и „предавници“.

Историјата е одговорна.“ (Информација види и https://okno.mk/node/84997)

III.              

Друг документ, кој не смее да биде превиден е писмото во кое предупредуваат историчари од регионов во однос на политизирањето на историјата, испратено на 18. 11. 2020 год., а во директен однос со ДЕКЛАРАЦИЈАТА „Да ја одбраниме историјата“.

На пошироката македонска јавност познато ѝ е дека поголема група историчари од регионов со остро писмо се спротивставија на барањата на Бугарија за историски ревизионизам при блокадата на Македонија за усвојување на преговарачката рамка за членство во ЕУ во последните месеци на 2020 година. Потписници на писмото се колеги од најпознатите историчари и професори од универзитетите во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево…

Во писмото на историчарите, покрај другото, стои:

„Судирите околу историјата и историските симболи се повторно важно политичко прашање во Југоисточна Европа. Во последните месеци владата на Република Бугарија се закани дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати ,,историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација е создадена од Тито и Коминтерната.

Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата ,,Да ја одбраниме историјата“, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Ние веруваме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и на самата Европска унија. Наметнувањето ,,историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други народи, а правото на самоопределување е основно човеково право“. Писмото во целост можете да го прочитате на: https://nezavisen.mk/opasen-istoriski-revizionizam-od-bugarija-predupreduvaat-istoricari-od-regionov/).

Анализата на овие документи јасно говорат за потребата да се отргне историјата од канџите на политичките, самозамислени, елити. Тоа, не се однесува само на историската наука, туку и на историјата како предмет од исклучително значајниот образовен процес во државата.

            Ваквиот крик за историјата, во Македонија стана уште поактуелен со денот СРАМ т.е. 15 декември 2020 годна, кога министер/ката за образование и наука Мила Царовска, учествувала на он-лајн состанок со директори и наставници од основните училишта на кој разговарале за новата концепција за основно образование, која требало да стартува од идната учебна година. На состанокот се обратил и директорот на Бирото за развој на образование, Зеќирија Хасипи, а презентацијата  на концепцијата  ја воделе членови на работната група проф. д-р Виолета Петровска Бешка од Институтот за психологија и Митко Чешларов од БРО.

Од информациите кои јавноста ги дозна за тој состанок би одвоила неколку точки.

  1. „Новиот концепт на основно образование, кој ќе вклучи спојување на повеќе предмети во еден, како што се историја и географија, или биологија и хемија, е со цел децата да учат помалку факти, а повеќе да размислуваат и да поврзуваат, објаснува министерката за образование и наука Мила Царовска“. (https://360stepeni.mk/predmetite-ke-se-integriraat-za-detsata-da-uchat-pomalku-fakti-a-poveke-da razmisluvaat-objasnuva-tsarovska/).

Самиот факт што од целото човештво од дамнина до сега е прифатена синтагмата ИСТОРИЈАТА Е УЧИТЕЛКА НА ЖИВОТОТ јасно укажува на фактот дека за да знаете историја треба да прочитате, компарирате, размислувате, поврзувате, анализирате и, на крај, да ги испрактицирате сознанијата до кои сте дошле во насока на градење на иднината на нацијата и државата. Со овој исказ министер/ката од 100 дена покажа само едно. Дека нејзиниот недостаток од познавање на историјата е грамаден, но прстот за вината го вперува во погрешна насока.

  • „Министер/ката на состанокот истакнала дека ставот на наставниците и директорите е исклучително важен во овој процес, значаен за сите, а особено за учениците. Основната цел е сите заеднички да создадеме образование кое е во најдобар интерес на децата и затоа покрај учениците и родителите, во подготовката на концепцијата беа вклучени и самите наставници.“

Ќе го сфатам ова како иронија или конфузија, бидејќи во спротивно, навредливо е на чело на МОН да биде лице со овој „кредибилитет“ во познавањето на образовната хиерархија. А во таа хиерархија, УЧИТЕЛОТ / НАСТАВНИКОТ / ПРОФЕСОРОТ е на тронот од процесот. Неговиот животен повик е да биде достоен слуга на иднината на својата држава градејќи ги, филигрански точно, макотрпно и посветено, најмалите членови на општеството во сериозни граѓани. За волја на вистината, никој не може да го оспори фактот дека образованието без добро подготвени наставници не може да има позитивни ефекти. Но, исто така е неспорен фактот дека подготвениот наставник, на пр. по историја, не би дозволил да биде изманипулиран и да дозволи авантура на „развојна“ реформа по теркот на Тито. Прашањето кое само по себе произлегува во врска со исказ даден со себевозбудлива леснотија на искажувачот, е како, кога и колку наставници учествувале во 100-дневниот период на министерувањето на министер/ката во подготовката на ново најавуваната концепција? Логиката на прашањето ја гледам во фактот што во 100-те дена министерување, министер/ката се внесе во „проект“ во кој ги заглави и основците и средношколците во Македонија (со исклучок на мал дел од нив), а со тоа и наставниците. На врат, на нос се одржуваа обуки за вакви, такви, онакви образовни платформи, со цел да биде доуништено останатото од образованието во Македонија со он – лајн – настава во пандемија на корона вирус. Министер/ката бараното од неа го исполни, а резултатот е НУЛА. И, замолувам, не спорете со фактите за промашеното полугодие за нашите деца, само затоа што носите розеви очила. Фактите многу жестоко ќе нѝ го раскрвават носот во однос на психофизичкото здравје на децата во скора иднина. Но, тоа не се однесува на детето на министер/ката оти случајно, тоа е трето одделение и случајно во основните училишта физичка настава се одржува само за деца до трето одделение.

Мислам, колеги наставници, најпосле треба да заборавите на вашата мизерна плата, да покажете достоинство и храброст за да се појавите јавно и проговорене за погубната он-лајн настава. При тоа, јасно и гласно да застанете зад интересот на децата, бидејќи длетото за нивната иднина е во ваши раце, а не во рацете на листопадните министри со иднина за уредници на весник.

  •  „Искуствата за подготовка на новата концепција се црпат од десетина европски земји меѓу кои Словенија, Естонија и Финска.  Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците, кои даваат јасна слика и во која насока треба да го движиме нашето образование. Сепак, со новата концепција создаваме наш национален македонски образовен систем, бидејќи образованието е нешто што треба да биде национален интерес и национална гордост.“

Првата мисла за овој дел ми беше едно сеќавање на меѓународен проект на кој бевме третирани како да сме паднати од Марс во однос на меѓународната историја. Така, на едно од т.н. предавања, нѝ беше покажана фотографија од Елизабета Прва.

Предавачот: Што гледаме на оваа фотографија?

Јас: Елизабета Прва.

Предавачот: Не, не, не.

Јас: Е како не? Сигурно е.

Предавачот: Не. Треба да кажете гледаме госпоѓа со богата тоалета, со бисерна огрлица, госпоѓа од висока класа, …

Јас: И зошто тоа?

Предавачот: Заради постапност и да биде поинтересно.

За мене, заврши проектот.

Патем, меѓу предавачите имаше и лица од некои од земјите кои ги наведува министер/ката од кои „црпеле искуства“, така што толку и од можноста врз туѓи искуства да градиме „наш национален македонски образовен систем…, национален интерес и национална гордост“.

4. „Министер/ката за образование и наука Мила Царовска, учествувала на он-лајн состанок со директори и наставници од основните училишта на кој разговарале за новата концепција за основно образование, која требало да стартува од идната учебна година.

Замислете:

– треба да се направи јавна дебата со наставници и професори, просек 6 месеци. – да се сублимираат резултатите и да се направи концепција, минимум 6 месеци.

– да се изготват нови наставни планови и програми по одреден турлитава предмет, прекутрупа 10 месеци.

– да се распишат конкурси за учебници, 2-3 месеци.

– да се изберат, испечатат и дистрибуираат новите учебници, 6 месеци.

Или, сето тоа е веќе завршено меѓу „договорените страни“, а нам нѝ останува да аминуваме?

Не, министер/ке, не ќе да биде лесно историјата да ја направите состојка од пача, а уште помалку за САМО една година. Ја знаеме моќта на лагата и знаеме дека тоа што сте го замислиле можете да го реализирате само ако мислите дека сте ја им завршиле работата пред работодавачите и инвеститорите на „проектот“ за по една година нечиј родител да биде побогат за некој милион евра. Прекрасно!

Далеку е од тоа дека нема што уште да се напише за „воведното“ информирање добиено од на министер/ката за развојната реформа, ама ако продолжам текстов ќе стане книга.

Морам да признам, бев исклучително позитивно изненадена од бурните реакции по предлогот за новата концепција во однос на историјата како наставен предмет. Не затоа што не сакам да се направат коренити и квалитетни реформи, напротив. Но, понудава е премногу јалова и несоџваклива.

Во некои од реакциите прочитавме дека: „По објавата на министерката за образование, Мила Царовска, дека се планира целосно нова наставна програма за основното образование, што значи интегрирање на неколку предмет во еден, во јавноста има бурни реакции, посебно за предметот историја.

,,Со целосно новиот модел на настава ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот. Целта на овие реформи е на ученикот да му даде целосна слика за одреден настан или тема, а ова се постигнува преку интердисциплинарен и интегриран пристап. На овој начин учениците подобро ќе ги разберат и запомнат темите кои ги изучуваат и притоа ќе ги развијат своите аналитички способности“-вели министерката.“ (https://ako.mk. бурни-реакции-по-предлогот-за-спојува).

            Се јавија студентите на Институтот за историја кои сметаат дека интегрирањето на предметот Историја, може да биде многу проблематично за идните генерации.

,, .Во соопштението се изнесува дека со оваа Концепција нашето образование ќе биде во чекор со образованието во Словенија Естонија и Финска. Ние и предходно бевме во чекор со Кембриџ образованието, ама не она во Англија туку она во Гана и Индија. Сакале ние или не, моделот на образование е општествено стереотипен (еден модел на образование функционира само во едно општество), односно образовниот модел е дефиниран од целокупната производно економска опстојност на едно општество. За да замените модел на образование, треба да ги промените коренито општествено економските и производните сили, кое тоа образование ги опслужува и обратно силите кои на тоа образование му овозможуват материјален простор за функционирање.Ние што направивме? Ние влегуваме „мешеечки“ во се ова, го воведуваме само колку да кажеме дека имаме современо образование, без никаква анализа и никаква логика и секогаш потоа излегуваме „грбачки“ со тешки образовни недостатоци и деформитети!“-велат тие во своето отворено писмо.

            Се разбира, експресно се јави министер/ката за да ја оправда набрзина склепаната „предлог-реформа“ во министерскиот кабинет во 100-те дена владеење. Па ќе прочитаме: „Најмодерна пракса е спојувањето на предметот историја во општествни науки, исто како што биологија и хемија се интегрираат во природни, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, по реакциите на социјалните мрежи дека се укинува предметот историја“.

            А не ќе беше лошо да ѝ каже некој на министер/ката од трончето, дека образованието не се прави за МОДА, туку за креирање на кадри за одржување на темелите на државата.

            И така, лека полека дојдовме до најголемата небулоза во т.н. предлог за реформа, изработена во Грујо-стил на сечено, лепено, монтирано и креирано.

            Ете, не сум верувала дека има некој кој не знае дека постои стандардна класификација на образованието, како на светско, така и на ниво на Македонија. Во Македонија од страна на Заводот за статистика се користи „Стандардна класификација на образованието по полиња (подрачја) СКОП 2019, а последното објавена издание е од 2020 год. . (www.stat.gov.mk/KlasifikaciiNomenklaturi/2.8.20.02.pdf).

 Таму, во дел 3, ставка 02 Уметност и хуманистички науки, под точка 0222 стои „Историја и археологија“.

            На дел од забелешките во однос на интегрирањето на историјата министер/ката изјавува: „За да можете да направите поврзување на тема култура, треба да ги поврзете сите општествени науки ако сакате да ја пренесете соодветно и еден ученик да осознае што е култура и како таа се развивала низ вековите, низ државите до денес и што денешната значи во споредба со културата од минатото“.

Ќе признаете. Да ја сместите историјата во општествени науки, а при тоа да сте министер/ка за образование и наука, тоа е показател дека државата има многу сериозни проблеми со образованието и науката поставувајќи ја таа личност на таа позиција. Или не?

            Во „темелно замислената“ реформа, а во врска со спојувањето на предмети со историјата, во најавата се спомнува и предметот „граѓанско образование“, кој во македонските училишта е воведен во 2002 година. На бројни концепти за граѓанско образование во основното образование и насоки за имплементација, работеле многу групи. Секако, со членови добро платени за сработеното, со надеж дека повторно ќе бидат ангажирани на слични, ако не и исти проекти.

Повеќе за граѓанското образование видете на (UNESCO. (1998). Citizenship Education for the 21st Century. Paris: UNESCO) и  (European Commission/EACEA/Eurydice. (2017). Eurydice Report: Citizenship Education at School in Europe – 2017)

Исто така, предлагам да погледнете едно видео, поставено на адресата

https://www.youtube.com/watch?v=egPP01TCO4I, а за чија содржина во оваа прилика, немам време да коментирам.

            Во материјалите директно ќе видите дека за разлика од ИСТОРИЈАТА, граѓанско општество е предмет кој го “измислија” по теркот на народната “според човекот и ќотекот”. Имено, во еден момент во Македонија имаше толку многу завршени студенти по социологија, па за да им најдат место и да ги условуваат со работа за идни гласови, го измислија тој предмет. Нормално, тоа беше една турлитава во која најдобро се снаоѓаа историчарите, бидејќи имаат најшироки познавања од општата историја и општествениот поредок. Темите, во новоосмислениот предмет, никако не можеа да ги одвојат од историјата, бидејќи од неа ги беа извадиле, па додале нешто семејство, па нешто држава, па демократија, па родови права и така, од сѐ по нешто.

            Денес, таа новосмислена кованица од предмет за која нема ниту класификација, треба да биде пандан на историјата, која како хуманитарна наука треба да стане интегрирана со географија, нехуманитарна наука и сета таа турлитава, треба да се нарече предмет во образовниот систем ОПШТЕСТВЕНИ НАУКИ.

            Е па луѓе мои, овој изум го немало ни кај Тито. Оти и непосредно по војната, се знаело што, до кога и како треба да се практикува и кој може да биде министер за образование. За оние што не знаат, Никола Минчев е прв министер за просвета во Владата на НР Македонија во периодот од 1945 до 1948 година, кален во борбата на македонскиот народ со бугарските фашисти за слободна македонска држава.

Тоа што нема кај Тито, има кај Грујо-стил на сечено, лепено, монтирано и креирано.

И како што кажав, сѐ има историја. Што значи дека секој предмет што се изучува во училиштата има своја историја. И медицината има своја историја, и литературата има историја, и јазикот има историја. Замислете, некоја држава да си ја избрише историјата. Што останува од неа? Или, ќе си ја „чуваме“ селектираната историја оти само таа нам нѝ се бендисува? Или ќе одиме по онаа на Луј 16 “Државата тоа сум јас”? Тоа е погубно и за државата и за владетелот.

По извесно време, за сите нас, историја треба да биде и оваа смешна и недозреана предлог идеја за сензационална „национална реформа“ во Грујо-стил на сечено, лепено, монтирано и креирано. Треба. Но, тие и натаму, како рогови во вреќа, ќе се борат за спроведувањето на оваа „реформа“ оти нарачаталите на проектот очекуваат тој да биде реализиран за една година. Па, измеќарите ги пуштија на најјако да се себедокажуваат во количината на измеќарлакот во полза на „проектот“.

Веќе е јасно, дека нивната единствена цел е со некаква си фузија на предмети кои треба, пред сѐ, од македонската национална историја, да направат постоечки желатин со непостоечки вкус и мирис. А со него, со децении ќе го „премачкуваат“ македонскиот ученик до стадиум на обезличеност.

 Да заклучам. Историјата е темелот на секоја држава, па и на македонската. Доколку некој си игра со македонската историја, си игра со македонската држава. Добро е што видовме дека достојни Европјани не можат да прифатат „погрешно толкување на историјата“, за да не завршиме ние без ‘рбетот трчајќи  кај ‘рбетните.

Историјата била и ќе остане учителка на животот, само за оние кои знаат да учат.

            И за крај. Не е срамно да не знаете, срамно е да мислите дека сѐ знаете.

(Катерина Тодороска е професор и научен соработник во ИНИ, еден од основачите на партијата Демократи)