Различноста во Македонија како богатство или граничник на поделби и разединување

За Папата различноста во Македонија е богатство, за Иванов и Сиљановска граничник на поделби и разединување

Претседателот во заминување, Ѓорге Иванов и неговата колешка од Универзитеот, Гордана Сиљановска Давкова, која не успеа да го наследи во претседателската вила на Водно, зборуваа со ист јазик на поделби, секој во својот последен говор од позициите на кои се наоѓаа во дадениот момент.

Горчлив вкус остави во јавноста говорот на Ѓорге Иванов пред Папата Франциск, кој невешто се вадеше дека може да зборува сѐ најдобро за својата земја, која нели е библиска, но сепак реши да ја искористи приликата и присуство на светските медиуми и Папата и зборуваше сѐ најлошо за својата земја.

Иванов рече:

,,Мојот мандат како претседател го завршувам со тоа што Ве пречекувам Вас во Република Македонија. Mорам да Ви признам дека бев во големо искушение да го искористам Вашето присуство и фокусот на светските медиуми и да зборувам сè најдобро за мојата држава и за мојот народ. Би можел да се осврнам на мисијата на Св. Апостол Павле во Македонија што го отвори патот за христијанството во Европа. Или, пак за мисијата на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски…

Искушението да зборувам за славното минато е големо. Но, верувам дека е многу поважно да зборувам за неизвесната сегашност, колку и да е тоа тешко. А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера.

Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството“- рече Иванов и му подели комплимент на Папата дека тој е таа личност со голем морален авторитет што ќе ѝ зборува на душата на нацијата. И на кого му веруваат.

Силјановска пак, во долгиот говор по првичните резултати од претседателските избори откако се знаеше дека изгуби од Пендаровски, разочарано констатираше дека резултатите што ги оствариле , таа на едната страна и Пендаровски на другата, се само показател дека поделбите меѓу граѓаните ќе одат уште подлабоко и дури изрази стравување дека ќе се случи интраетнички конфликт во општеството, што значи, Македонец против Македонец. Како да не смеат луѓето да гласаат за различни кандидати и различни опции, што е суштината на демократијата, туку нужно мора да ја поддржат нејзината опција, бидејќи , нели , овие другите треба да се подразбира дека се лошите и предавниците, кои не ѝ мислат добро на својата земја. И се разбира, по нејзината логика, откако едната опција ќе биде поразена, а другата ќе победи, што мора нели да се случи, потоа едните и другите мора да се мразат.

Па во тој контекст, запраша:

„Прашање е дали резултатот води кон помирување на обединување и помирување или означува поделба по повеќе основи, меѓу кои и интраетничка и дали синтагмата ,,заедно одиме напред“ навистина го ветува тоа“, рече Силјановска, драматично загледувајќи се во една точка со загрижено вртење со главата и побара предвремени избори, бидејќи тоа го бараат граѓаните според резултатите од гласањето, а не таа, како што рече.

Ниту Ѓорге Иванов, на заминување од функцијата Претседател на Република Северна Македонија, ниту Сиљановска во прошталниот говор од седиштето на партијата која ја кандидираше за Претседател на РСМ, не најдоа сила и простор искрено да повикаат на единство и надминување на разликите и поделбите во општеството.

Повикот на крајот од говорот на Иванов пред Папата ,, да ја препознаеме симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување, да се вклучиме во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна“, ќе беше искрен, доколку навистина тој не ја злоупотребеше неговата посета за да го заврши својот десетгодишен мандат во неговиот препознатлив стил и ,,дух со кој владееше“.

Кога замина од Македонија, пак, Папата во авионот кон Ватикан, на новинарите им порача дека Република Северна Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде се среќаваат голем број култури и религии и претставува олицетворение на карактеристиките на регионот. А светските медиуми, меѓу кои најугледните, побрзаа да констатираат дека Северна Македонија е вратена на светската мапа по тридецениска изолација.

„Северна Македонија во вторникот доби уште еден сигнал дека речиси тридецениската изолација се доближува до својот крај. Папата Франциск порача дека Северна Македонија е мост меѓу Истокот и Западот“ пишува во статијата на Њујорк Тајмс, но потоа и Вашингтон Пост, Дојче Веле и други медиуми по повод посетата на поглаварот на Римокатоличката црква на Македонија.

Тоа всушност го кажа самиот Папа во авионот на враќање од нашата земја:

-Преку елегантните сведоштва на Византиското и Отоманското минато, возвишени ѕидини и величествени иконостаси во древните цркви, кои говорат за христијанското присуство што датира од апостолски времиња, Северна Македонија ја одразува длабочината и богатството на својата илјадагодишна култура, истакна папата Франциск.

„Оваа мешавина на култури и етнички и религиозни идентитети”, како што посочи, „доведе до мирен и траен соживот каде тие поединечни идентитети си најдоа израз и се развиваа без меѓусебно одбивање, доминација или дискриминација”-рече Папата Франциск .

Ете затоа Папата за многумина е светски фактор на помирување и обединување. Оти знае дека баш таму каде што многумина користат да поделат , па да владеат, мора да се помируваме и разбираме, а тој да повика тоа да го правиме. Или како што рече самиот Иванов:

,, Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството. Но, за тоа е потребна личност со голем морален авторитет што ќе ѝ зборува на душата на нацијата“.

Тоа секако не се двајцата колеги од Правниот факултет во Скопје.

Или можеби ние, неосвестените робови од колонијата, па навистина не ги заслужуваме, како што би рекла една разочарана професорка по поразот на нејзината пуленка.

Емилија Лазаревска