Рамковниот договор како македонска ПУЗА

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

 

На почетокот на нашите работни животи, јас, како пресен магистер по историски науки, а Емилија Лазаревска, како пресен новинар, многу ентузијастички снимивме една емисија за Призренската лига. Во неа кажав дека албанските политичари, секогаш кога сакале да предизвикаат револт кај албанското население се повикувале на Призренската лига и така го разгорувале националистичкото чувство кај обичниот човек. Но, откако политичарите ги остварувале своите цели, заборавале на гневот и жртвите на народните маси кои меѓу себе веќе биле закрвавени. Ама. Кој му е виновен на народот што се „закрвавува“ на секое УРААА од баџа? Се разбира, и јас и новинарот си ја „плативме“ кажаната вистина.

Не дека и во следните години не се злоупотребуваше Призренската лига за политички потреби, ама за Албанците во македонската држава оваа Лига го изгуби приматот после 2001 година. Нормално, бидејќи крвавиот конфликт, терористички атак, пренесена војна, борба за човекови права или што и да беше, стана модус вивенди за одредена „политичка елита“, а албанскиот народ остана со дупката во срцето која долги години се користи за опстанок на истата „ политичка елита“.

Сите заедно добивме „Рамковен договор“ кој стана документ околу кој почнаа да се креираат игри достојни за филмување.

Се разбира, како историчар собирав секаков материјал, а она што после години стана јасно беше дека „настанот од 2001“ не беше „борба за човекови права“ оти „права без обврски“ добија само „елитните“. За сметка на тоа, за жал, албанскиот народ во Македонија постојано добиваше ветувања за вакви, такви, онакви привилегии. Така на едни им беше ветувано, а други од високо го следеа преживувањето на верните очекувачи за исполнување на ветувањето.

Во тоа време, покрај другите автори, за целокупното однесување на политичарите во Македонија, пишуваше и професорот Фрчковски според кој “… нивото на македонските политички елити со години се: тапост, непознавање на законите, тотално непознавање на политичкиот систем, примитивизам и потценување на јавноста”. (Љубомир Д. Фрчковски, Одмазда на непросветените, Дневник, 6 март 2007, 11).

Тие и такви потценувачи на јавноста одлично играа во, од нив создадената, психолошки тензична ситуација во Македонија, каде ние кои работевме на албанските прашања (јазични, културни, историски), бевме предавници и за едните и за другите. Секое спомнување на нивната разорна политика во меѓуетничките односи по македонската држава беше дочекувана на нож, а од оваа временска дистанца на сите ни е јасно и зошто.

За некои од овие работи пишував во ноември 2007 год., кога во организација на Сојузот на историчари на РМ беше организирана една научна конференција. Мојот текст го нареков „Македонската пуза“. За непознавачите на зборот „пуза“ тоа претставува жарче кое се запретува со пепел во мангал или друго грејно тело. По потреба пепелта се распретува и од пузата се потпалуваат други дрвца. Во текстот, покрај другото напишав: „ Кога ќе се прочита насловот асоцира на борбите или воените случувања во Македонија во 2001 година. На тој начин би се придружиле кон големата вистина дека “страдањето, природно, и припаѓа на историјата”, но во овој случај ќе го оставиме страдањето и ќе проговориме за Рамковниот договор од 2001 година. Ова од причина што тој, според нас, е вистинската пуза во македонската современост.

Дниве повторно се распретува македонската пуза. Секако по потреба.

Од моите познавања на општата историја можам да кажам дека во секоја империја или помоќна држава, просперитетот на народот носел просперитет на државата. Така, кога некој од владетелите имале полни државни каси, парите соодветно ги распределувале на народот за тој да работи повеќе од претходно и да носи поголеми приходи во државната каса. Така и бивало.

Но, ништо не е вечно па ни умните владетели. Некои нови „владетели“ решавале да се оддадат на лични задоволства и лични богатства, така што државната каса ја доведувале до дно. Народот кој работел сакал да заработи, но стоката му била плаќана на рати. Така, не можела да се испланира следната сеидба, а незадоволството на народот растело. Истовремено и приходот во државната каса станувал сè потенок. За да се подзатворат дупките во државата, „владетелите“ земале кредити, а кредиторите триеле раце поради добриот принос кој го очекувале од „владетелската“ неспособност. Патот на парите станувал сè позаплеткан и поскап. Во таква ситуација, растргнат меѓу догочасовната работа и немаштијата, народот почувал да се побунува. Во таква ситуација, оние кои најмалку биле слушани претходно, биле повикувани во својство на советници на „владетелите“ за да најдат „иљач“ за „беснилото на народот“. Тие вообичаено се повикувале на некои настани или моменти со кои имале најмногу успеси кај народот. Така, најчест настан бил некоја голема воена победа, кога војската се вратила со многу плен, со освоени големи територии од туѓата земја итн. итн. Но, и тие подмами не секогаш успевале, бидејќи народот престанувал да верува во истите измами. Во ваквите прилики позната била изреката „Рибата не јаде ист мамец“.

Така, ИМПЕРИИ пропаѓале.

И да се вратам на македонско тло, во денешницава. Не сакам да верувам дека нашава политичка „елита“ ја има донесено состојбата во државава за да им треба ИСТАТА ЈАДИЦА за да го смирува народот. А ако навистина решиле тоа да го прават, искрено се надевам дека народот веќе ги прочита нивните претходници и нив, како наследници на претходниците.

Бидејќи имате „советници“ кои можете со лопати да ги ринете, еве еден НЕсоветнички совет.

Рамковниот договор е историја и таму оставете го, освен ако не ви треба македонската пуза за нов неименуван настан меѓу Македонците и Албанците во државава.

 

Фото: Авторката на текстот пред музејот на Призренска лига во Призрен