Рангелова: По гласањето на референдумот бевме изложени на невиден притисок, а партијата не го осуди тоа

,,По гласањето, јас и моите колеги бевме изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи, за кои сакам да останат избледнети спомени, кои ќе бидат заборавени во минатото“-вели во разговор за Призма пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

Актуелната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најмногу го привлече вниманието со излегувањето да гласа на референдумот. Таа изјави дека гласала „против“ на референдумското прашање, но нејзиниот чекор не беше во согласност со изјавите на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој официјално кажа дека секој треба да постапи по своја волја, но на терен ситуацијата беше поинаква, ако се земе предвид дека најголемиот дел партиски членови и поддржувачи го бојкотираа гласањето.

По ваквиот чекор, партиските членови се соочија со притисоци и закани, физички беше нападнат поранешниот амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров, кој јавно изјави дека ќе излезе да гласа на референдумот, а фејсбук-профилот на Рангелова се наполни со напаѓачки пораки, кои сублимирано, оддаваа една единствена порака, а тоа е дека ги предала партијата и државата.

„Јас со крената глава и достоинствено на референдумот гласав „против“ Преспанскиот договор и тоа е во рамки на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ – секој да одлучи по сопствено убедување. Јас дејствувам транспарентно во партијата и за мојот став дека сум против апстиненција или бојкот го информирав извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и не се каам поради тоа. Прашањето за името е натпартиско и за него треба да одлучуваат единствено граѓаните на Република Македонија, на референдум, затоа што само на тој начин ќе имавме јасна слика за волјата на граѓаните, дали сме „за“ или „против“. Но, за жал, по гласањето, јас и моите колеги бевме изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи, за кои сакам да останат избледнети спомени, кои ќе бидат заборавени во минатото“, вели таа со доза на разочараност бидејќи за ваквите притисоци немало никаква реакција ниту заштита од партијата.

„Не сакам да помислам дека ваквите закани се оркестрирани од некаков центар на интерес, но останува фактот дека партијата не се огласи со осуда и реакција на ваквиот низок степен на примитивизам кој преовладува на социјалните мрежи“-вели Рангелова.

Извор:Призма