Распишана е меѓународна потерница за екс директорот на ФЕНИ Јусуф Миракхмедов

За поранешниот директор на кавадаречки Фени Индустри, Јусуф Миракхмедов, е распишана меѓународна потерница во соработка со Интерпол. Тој се бара по наредба КО бр.28/19 од ОЈО – ГОКК за истрага за сторени кривични дела „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 и ,,Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичен законик.

Во ноември 2017 година, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава за Миракхмедов, сомничејќи го за злоупотреба на службена должност и овластување. Во текот на истрагата Финансиската полиција утврдила дека Миракхмедов незаконски отуѓувал резерви на фероникел и друга руда од фабриката.

Меѓународна потерница

Втора кривична пријава од Управата ,Миракхмедов заработи еден месец подоцна во декември истата година, поради основано сомнение за злоупотреба на службена положба и овластување кога направил неоснован отпис на незастарени побарувања на Фени со што се сомничи дека ја оштетил фабриката за 51.505.526 американски долари.

Исто така, се дознава дека е покрената процедура за издавање меѓународна потерница и против Џереми Неадс, (Jeremy Neads) главен извршен директор на Кунико Рисорсис (Cunico Resources) и неизвршен Директор во Фени во периодот 2015-2017 година.

Од 2015 до 2017 година под водство на Јусуф Миракхмедов и членовите на Одборот на Директори, се исцрпувале сите резерви руда, репроматеријали и резервни делови а не се вложени ниту долар од заложените 66,5 милиони долари. Сите долгови што компанијата ги трупала  во овој период со притисоци се префрлани за 2017 година. Претходниот сопственик Кунико ресурсис го остави Фени индустри со долгови од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори чии побарувања останаа неплатени, а вработените со неисплатени плати и никаква иднина. Ова беше главната причина за Фени на 30 октомври 2017 година да биде отворена стечајна постапка.

Миракхмедов за директор во Фени беше  поставен од Кунико рисорсис (Cunico Resources) во период од 2015 до 2017 година.