Распишана е меѓународна потерница по Филип С. за убиството на Мартин Јанушев

 

Лицето со иницијали Ф.С. е осомничен како сторител на убиството кое пред две недели се случи во скопската општина Аеродром, пред зградата во која живееше жртвата , младиот фудбалер Мартин Јанушев, информираат од МВР.

Лицето Ф.С. се товари за кривично дело „убиство“ и  според информациите од полицијата,ќе биде поднесена кривична пријава и ќе биде распишана меѓународна потерница.

Засега не се откриваат повеќе детали за евентуални нарачатели или помагатели на кривичното дело.

Пред две недели, токму во периодот кога се случи ликвидацијата на Мартин, Управата за извршување санкции распиша потерница за 25 годишниот  Филип Секуловски, ден пред убиството бил пуштен на викенд, но  не се вратил на издржување  казна затвор во Шуто Оризари.

„Тоа лице не е вратено во КПУ- затвор Скопје, распишана е и потерница“, потврдија тогаш од Управата за санкции.

Секуловски е осуден на 6 годишна казна затвор за трговија и поседување дрога.

Уште тогаш се шпекулираше дека Филип Секуловски се поврзува со убиството на младиот Мартин Јанушев, а неофицијално тој се посочуваше дури и како извршител на нарачано убиство. Блиски другари на Мартин раскажуваа дека двајцата добро се познавале, а  некогаш дури биле и другари.

На социјалните мрежи се појави статус на извесен Атанас Секуловски, кој се претстави како негов чичко.Го советуваше што и да направил, да се пријави за негово добро, а на извесен Раде му порача да го ослободи Филип од секакви притисоци и да не манипулира со него.

„Филип, чичко ти те советува што и да си направил да се пријавиш затоа што е за твое добро. На Раде му порачувам, ако мисли дека може да манипулира со туѓи животи многу се излажал, на погрешна адреса се упатил. Ако е маж нека не те злоупотребува и нека те ослободи од секакви притисоци, јас знам дека е така како што велам.“

Мартин Јанушев беше убиен со неколку куршуми во пределот на главата и на вратот.