Расчекор меѓу Болоњскиот процес и пазарот на труд

Зошто политиката и образованието се две спротиставени страни, е прашање на кое сакаат да изнајдат одговор учесниците на Регионалниот Болоња форум што се одржува во Улцин, Црна Гора, а во организација на Високата школа за туризам и менаџмент од Коњиц, Босна и Херцеговина.

 

bolonja

Истите проблеми, ги собраа на едно место претставниците од разни области од земјите што произлегоа од некогашната заедничка држава СФР Југославија. Помалку или повеќе, сите се соочуваат со голем расчекор меѓу образованието и потребите на пазарот на трудот и тоа како во поглед на  кадар кој излегува од средношколските или студентските клупи, така и во поглед на сигурни и соодветни работни места што ги нудат работодавачите.

Дополнителна конфузија во сето ова, во последните десетина години внесе Болоњскиот процес воведен во високото образование, кој сам по себе не ги даде очекуваните резултати.

Ректорот на Универзитетот во Ријека проф.д-р Перо Лучин рече дека Болоњскиот процес на мобилност и отвореност во студирањето е добро обмислен од високо стручни европски кадри, но тешко спроводлив на овие простори. Политиката и политичарите кај нас и воопшто општеството, не сфаќаат дека најважните луѓе на светот се оние кои работат на форматирање на човечкиот мозок од градинка до факултет. Тоа се учителите и професорите , вели Лучин. Политиката нив ги сместува на маргините, а резултатите се погубни кои се одразуваат на генерации неедуцирани и некомпетентни кадри и општества без перспектива.

Германците тоа го разбраа пред десетина години и кога видоа дека немаат доволно квалитетни кадри да ги спроведат нужните реформи во образованието и кои  ќе го намалат неразбирањето меѓу политичарите и струката , прво што направија беше вложувањето на околу 200 милиони евра во обука и производство на соодветен кадар кој ќе ги спроведе реформите во образованието, рече Ректорот на Универзитетот во Ријека.

Директорот на националната служба за вработување на Србија Зоран Мартиновиќ пак, вели дека тие како некој што треба да посредува во вработувањето не успеваат да ги вкрстат потребите на работадавачите, пазарот на трудот и произведените кадри.  Работодавачите сакаат веќе подготвени кадри за да не губат во процесот на производство, а тукушто завршените на факултетите или во средните стручни училишта доаѓаат без никакво практично предзнаење. Ова покажува дека нема пракса во текот на учењето, што пак е отежнувачка околност при вработувањето.

Поранешната министерка за образование на Босна и Херцеговина , сега директорка на Федералниот завод за вработување Хелена Лончар, ја даде најсоодветната дефениција за состојбата во образованието и политиката на овие простори-правиме се наопаку. Ние треба првин да вложуваме во образованието и да ги направиме потребните реформи, ако сакаме да излеземе од криза. Ние, рече Лончар, сакаме прво да излеземе од криза, а потоа да го реформираме образованието, тоа е невозможно, рече таа.

Можеби изненадувачки, но и Словенија која веќе десетина години е членка на ЕУ и во меѓувреме направи бројни реформи на сите полиња, ги има сличните проблеми на расчекор меѓу произведените кадри и потребата на пазарот на труд. Од 2004 до 2006 овој процес одеше во добра насока, но кога тогашната влада реши да ја отстрани  Стопанската комара како посредник меѓу понудата и побарувачката, сега работите се хаотични, а Словенија останува без своите најквалитетно произведени кадри , кои бегаат надвор каде добиваат соодветна валоризација на вложениот труд во образованието.

Болоњскиот процес кој се применува во сите земји од балканските простори, според дискутантите, замислен како мобилност на студенти и кадри, ги остави овие земји кои се се уште во развој, без своите најдобри и најталентирани кадри. Мобилноста  е еднонасочна. Тие емигрираат кон земјите од ЕУ, но не се враќаат. Обратен процес и не постои.

 

marijana

 

Идејниот творец на овие регионални форуми проф. д-р Маријана Шечибовиќ, заедно со проф.д-р Рефик Шечибовиќ, и двајцата професори на Високата школа за туризам и менаџмент во Коњиц, повеќе години организираат средби на кои ги спојуваат највисоките академски авторитети и политичките претставници од регионот, за да поттикнат реформи во сите сегменти во образовниот процес, посебно во високото образование.

Предизвикот со Болоњскиот процес е тежок исто како и неговата вистинска имплементација и покажаните  резултати  во земјите од регионот.

 

Е.Л.