Рашковски:,, Заев да ги собере другарите (парламентарно мнозинство) да оди во матично (Собрание) и да направи свадба ( Влада)“

,,Разговаравме со колегата Александар Спасов за тоа од каде би потекнувало церемонијалното доделување на мандатот од страна на претседателот. Заклучивме дека тоа е остаток од преминот од монархија кон парламентарна демократија, кога кралот или кралицата го повикувал лидерот на партијата која имала мнозинство и го замолувал во негово име да состави влада. Тој ми раскажа за еден протоколарен пропуст, кога Тони Блер отишол кај Кралицата Елизабета да му биде доделен мандатот, клекнал како што е протоколот, но ги погрешил зборовите. Рекол ” Ве замолувам да ми го дадете мандатот за составување на влада”. На тоа Кралицата му одговорила ” јас те замолувам ти во мое има да составиш влада”. Значи кој е изворниот момент? Не го моли лидерот на партијата – кралот, туку кралот има обврска да го замоли лидерот на партијата според традицијата и протиколот да состави влада. Тоа денес е само дел од церемонија во високо развиените парламентарни демократии.
Како е тоа изворно во македонските обичаи. Порано било обичај кога ќе оди момчето да ја бара раката на девојката, можело таткото на девојката и да не му ја даде, а било и обичај да бара нешто за возврат. Се сметало дека не може да се венчаат без негов благослов. Денес момчето пак оди да ја побара раката на девојката, но тоа е симболична традиција. Убаво е таткото на девојката да “ја даде раката”, но и да не ја даде, момчето ќе ги собере другарите, ќе си викне матичар и ќе направи свадба.
Затоа треба Зоран Заев да ги собере другарите (парламентарното мнозинство) да оди во матично (Собранието) и да направи свадба ( да изгласаат влада)“-пишува Драги Рашковски од Правен факултет на својот ФБ профил.