Режисерот Поповски на отворањето на Охридско лето порача дивоградбите да се отстранат како ,,диво месо“

Македонскиот театарски режисер, Александар Поповски, на отворањето на Охридско лето вчера во Античкиот театар, порача дивоградбите да се отстранат како ,,диво месо“, алудирајќи на позната театарска претстава од „македонскиот Хомер“, како што го нарече неодамна починатиот писател, Горан Стефановски.

Користејќи цитати од една од најпопуларните драми на Стефановски, режисерот Поповски недвосмислено побара Охрид, државата и сите граѓани да отворат фронт кој жестоко ќе се спротивстави на уништувањето, не само на културното, туку и на природното наследство.

„Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето ,,Диво месо“да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а вие слушајте диви градби. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се оформи месо кое не е човечко и кое ќе расте и ќе нарасне толкаво што ќе го загуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, а раната да се изгори со жар“ порача Поповски.

Вчера во Охрид беше отворено Охридско лето со настап на светски познатата виолинистка Ванеса Меј.