Ременски побара оставка од Спасов

Поради сериозно нарушување на угледот на Министерството за труд и социјална политика, министерката Фросина Ременски од дополнителниот заменик министер Диме Спасов побара оставка.Таа обелодени дека не едно, туку уште три возила Спасов незаконски користел и имал на располагање!

,,Јавно го повикувам дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, да се повлече од политичката функцијата дополнителен заменик министер за труд и социјална политика, затоа што постапил неодговорно за функцијата што ја извршува”-рече Ременски.

Таа ги наведе сторените прекршоци:

– За приватни цели и интереси, противзаконски располагал и управувал возило на Агенцијата за вработување на РМ за што не постои никаков документ за користење – решение, полномошно и налог;

– Ја загрозил безбедност на патниците во сообраќајот;

– Нaнел материјална штета на возилото што го управувал и на возилата што ги удрил и противправно трошел средства за гориво на МТСП за потребите на возило кое не е сопственост на министерството;

– Ѝ избегал на полицијата со што го попречил полициското постапување за утврдување на неговата психо-физичка состојба и надвор од секаква етика и морал,

– Поттикнал друго лице, вработено како возач во МТСП, а не како негов возач, спротивно на реалната состојба да ја преземе одговорност за неговото несовесно постапување.

,,Очекувам МВР да го расветли инцидентот поврзан со дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика со што ќе се покаже неселективност во постапувањето и еднаквост на сите граѓани пред законот-рече Ременски.

Таа додаде дека возилото Туарег што е користено од страна на Диме Спасов во саботата кога се случи инцидентот е сопственост на Агенцијата за вработување.

Ова возило не е единствено што го користел дополнителниот заменик министер. Спасов противзаконски располагал веќе подолго време уште со други три возила коишто со Одлука на Владата на РМ (бр. 42-8184/2 од 12.08.2015 година) се дадени на трајно користење без надомест на Агенцијата за вработување.

Тоа значи дека освен дополнителниот заменик министер Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување, противзаконски и спротивно на Правилникот за користење на службени возила во сопственост на АВРМ, овозможил возила на Агенцијата да бидат на располагање на неовластени лица надвор од работното време и задачи.

,,Поради сето ова, до Владата на Р.Македонија и до надлежните органи ќе доставиме пријава за злоупотреба на службена положба и овластувања од страна на ВД директорот на АВРМ, кој спротивно на закон повеќе од двапати е именуван на функцијата вршител на должност, а во моментот извршува функција со истечен мандат. Дополнително што и Канцеларијата на Европската комисија во јули оваа година, утврдила несоодветна употреба и располагање со средствата (10 возила) кои преку ИПА фонд се набавени за потребите на АВРМ и ДИТ и побарала поврат на средства од АВРМ и ДИТ во висина од 27.000 евра. Сето ова е констарирано во неодамнешниот Ревизорски извештај за АВРМ од страна на државниот ревизор на РМ.

Ве информирам и дека во Министерството за труд и социјална политика преземаме мерки за утврдување одговорност за возач во министерството кој не е возач на дополнителниот заменик министер, а ја презел одговорност за инцидентот во саботата.

Од сите овие причини, барам, Диме Спасов, да ја преземе одговорноста за своето неодговорно и несовесно работење и да се повлече од политичката функцијата дополнителен заменик министер за труд и социјална политика”-објави денеска на прес конференција министерката Фросина Ременски..