Ременски: Ќе ги објавам сите поднесоци за злоупотреби во периодот 2013-2019 со име и презиме

По јавното обраќање на премиерот Заев во кое најави чистка на корумпираните судии и обвинители, Фросина Ременски , пратеник од СДСМ, на својот Фб профил објави дека ќе даде активен придонес во борбата со крумпираните, а за кои таа пред да биде маргинализирана поради аферата ,,Рекет“, поднела пријави до надлежните.

,,Во име на овој повик ќе дадам активен придонес со јавно објавување на сите поднесоци ставени во фиока потпишани со мое име и презиме и откриени злоупотреби (2013-2019). И ќе барам одговорност независно кој ќе биде допрен со чистење на прашината (ако ,,чистењето” е искрен подвиг) и тоа во име на паролата дека, законот мора да важи за сите – парола во која се’ помалку веруваат и граѓаните и тие што ,,спроведуваат правда”.
Ќе се обидам да (по)верувам и јас кога штетите што ги трпев од пријавите што лежат по фиоки, нема да бидаат мотив плус за дупла штета во стилот ,,убиј го гласникот” -напиша Ременски.

Таа веќе објави претходно за таков поднесок против Гордана Јанкуловска и Силјан Аврамовски.

,, Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси од мене како пратеник по изодени чекори на собраниски надзор (без резултат) на 30.05.2019 година доби пријава со докази против Гордана Јанкуловска и Сиљан Аврамовски, за непотизам и злоупотреба на службена положба.
Истиот ден, на 30.05.2019 година, ОЈО Скопје од мене како подносител доби кривична пријава со докази против Гордана Јанкуловска и Сиљан Аврамовски за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата.
Пријавата има и дополнување за уште едно лице кое било должно да се грижи за законитоста и во своето постапување и во постапувањето на наведените двајца.
Знам дека ОЈО Скопје од истиот ден работи на кривичен предмет XXXIX KO 1636/19 од 30.05.2019 година.
До следните детали убаво е некој да се заинтересира како се трошеле државните пари и како се уживале права кои не им следуваат, ако во меѓувреме не нашле ,,правно покритие”?
Кога некој ќе ги допре ,,недопирливите” станува проблем.
За вистинска борба против криминалот не требаат бонуси, заштита или бомби. Доволна е старата добра хартија, интегритет и ажурни институции. Се чека на ажурноста“-напиша Ременски.

Фросина Ременски е разрешена од сите партиски и државни функции по објавување на аферата ,,Рекет“. Поради нејзината блискост со првообвинетиот Бојан Јовановски, се истражуваше нејзината инволвираност во скандалот, но сепак за неа досега нема обвинение, ниту докази дека била дел од оваа афера.