Република Северна Депонија

Почитувани сограѓани, сожители, доселеници, староседелци, скопјани и други, политичари и невладини, активисти и пасивисти, властодршци и опозиционери. Сите…

Ни се случува тотален колапс на планот на хигиената во секоја смисла, општа, колективна и лична. Нашите сожители ги изгубиле своите основни културни навики. Плукаат на улица и по плочници. Ние тоа го газиме со нашите чевли и го внесуваме дома. Страшно е како изгледаат плочниците, (не)драги сожители и (не)граѓани. Плуканица до плуканица, која од која погадна. Ми се лоши, трудејќи се да не згазнам некоја, па морам да ги гледам тие зелени, жолти и лигави ваши плуканици!

Не користите шамивче, знаете оние хартиени што ги викаме Палома, туку мислите дека е сосема нормално во поминување да си го истресете носот до моите нозе. Уринирате (некои) во секоја грмушка, првата што ќе ја здогледате.

И никој не се труди ова да го смени. Да почне од јасли да ги воспитува децата како треба да се однесуваат на јавен простор, што е културно, а што не. Училиштата веќе не ја вршат ниту образовната, а да не зборуваме за воспитната функција, како што тоа беше случај во Југославија. Родителите се посебна приказна, некои од нив, се разбира.

Читам денеска една ненормална вест, односно вест за ненормално однесување на татко на второодделенец во ОУ ,,Блаже Конески“, кој дошол таму и го фатил соученикот на неговиот син, второодделенец, за да може наследникот му да му врзе неколку шамари, затоа што веројатно децата се степале претходно. И сега од овој човек треба да очекуваме да го воспита своето дете? Јас па за плукање и фрлање ѓубре им зборувам. Да, родителите се посебна приказна. Не им пречи што учителите не им ги научиле децата дека отпадоците од грицките не се фрлаат во школскиот двор, но им пречи ако не им стават петки по сите предмети, без оглед што ништо не знаат. И се функционално неписмени, така велат светските тестови на кои се покажале како такви.

Да се вратам на темата. Родители, тие што немате време, нели, научете ги своите деца на културно однесување. Ги гледам јадат и фрлаат на земја. Непозната им е формата Вие за пристојно однесување кон повозрасни, и така натаму и т.н.

Значи, потребно е да се спроведе кампања, па место реклами за кроасан или нов телефон, на секој автобус со фотографии од вашите ,,дела“, непочитувани невоспитани сограѓани и жители на Скопје, да се бомбардираат несовесните и некултурните со пораки дека тука не се плука, не се уринира, не се фрла ѓубре…и колку тоа ќе ги чини ако не ги почитувате препораките.

Казни, казни и само казни!А не, излегуваат од зграда и прво што ќе направат ќе се изр’каат, носот ќе го испразнат, а постарите богами и ќе се измочаат во првата грмушка. Веројатно гужва и ред дома за ве-це.

Или, домашните ќеси со ѓубре ги мрзи да ги однесат во контејнер и ги оставаат во корпите за ситни отпадоци, кадешто треба да ги исфрлат ливчињата од џебовите, наместо ноншалантно да ги фрлаат од кола или во движење било каде.

Луѓе, ова веќе не се трпи. Тонеме во некултура, необразованост и простотија. Тоа се рефлектира и на општата хигиена. Волку ѓубре немало никогаш. Неказнивоста и неснаоѓањето на надлежните ја направија неподнослива ситуацијата.

Трибините и говоранциите во пријатно окружување, со партиските другари и по некој невладин, нема да ја подобрат ситуацијата. На ваква алармантна сосотојба и секојдневни критики, ВЛАДАТА досега требаше овој проблем да го стави како врвен приоритет.

Видете на што личи околината само на неколку стотици метри од нас!!! Ова е веќе надвор од контрола. Треба да се прогласи вонредна состојба. Ги ценам напорите на Јани Макрадули и на Петре Шилегов, но тоа не е ниту од далеку доволно. Ние практично немаме Министер за екологија. Ние немаме директор на Јавно претпријатие ,,Македонија пат“. Тие ништо не прават, а законските овластувања во голема мера се во нивна надлежност. Несфатливо е како неуспешни раководители може да останат на своите позиции и никој да не бара никакава одговорност од нив.

ИТНО се потребни законски измени со заострување на казнената политика, казнување и контроли насекаде, билборди и предупредувања за забрана за депонирање смет на неопределено место за тоа. Инспекции! Употребете ги неупотребените административци. Што направивте со оние илјадници кои седат дома и земаат плата? Уште ли е така? И ако е така, срам да ви е!


Па, погледнете ги патиштата низ Македонија. Брука и срам! Секоја педа покрај нив, секој паркинг простор и стојалиште се претворени во депонии. Ужас! Зарем не ги гледате овие слики кога патувате низ Македонија да ги убедувате луѓето да гласаат за вас и да ги величате вашите ,,успеси“ и политики? Ова е еколошка катастрофа и показател за пропаста на еден државен систем кој не успева да воспостави контрола на однесувањето на своите жители и да ни пружи пристојни услови и место за живеење. На сите. Баталете политика, дајте живот. Еден е , за сите. И за вас и за нас.

Емилија Лазаревска

Авторката во ,,природен“ амбиент на патот кон Охрид кој е претворен во дива депонија од Скопје па до Охрид

(во продолжение илустрација за напишаното, на секој чекор, секогаш и секаде, тонеме во ѓубре)

АКО.мк