Референдум во Унгарија

Во Унгарија се одржува референдум, а унгарците ќе се изјаснат дали се за обврзувачките квоти на ЕУ за прифаќање бегалци.

Прашањето на гласачкото ливче гласи ,,Дали се согласувате со тоа, ЕУ да може да наложи обврзувачко населување на неунгарски државјани во Унгарија, дури и без одобрување на Парламентот?” .

Поголем дел од аналитичарите сметаат дека граѓаните ќе гласаат со НЕ, односно дека ќе ги отфрлат квотите како обврзувачки, а на ваков исход од референдумот се надева и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој и неговите министри извршија силен притисок, повикувајќи ги секојдневно граѓаните да излезат и да гласаат против, а кампањата беше засилена со голем број билборди низ државата, како и масовна кампања на медиумите.

referendum1

Позитивниот исход од референдумот на Орбан и неговата влада би им овозможил натамошна поддршка од граѓаните и порака да продолжи да се спротиставува на идни евентуални планови на ЕУ околу мигрантската криза и барања од земјите членки на Унијата за прифаќање мигранти на територија на Унгарија..

Според проценките на странски медиуми, референдумот е само еден од чекорите во низа на десничарот Орбан, што пак ќе продолжи да ги лути неговите критичари и во Унгарија и во Унијата.

Тој пак смета дека гласањето ,,против” квоти на референдумот претставува глас за суверенитетот на Унгарија, а се надева дека ова може да ги охрабри и другите земји членки на ЕУ да преземат слични чекори.

Орбан сака да го сопре големиот прилив муслимански мигранти во Европа, тврдејќи дека тие ја загрозуваат Унгарија, но и европскиот христијански идентитет и култура.

Унгарскиот премиер бара ЕУ да ги зајакне своите надворешни граници како што тоа го направи неговата влада, подигајќи голема ограда долж границите со Србија и Хрватска.

На референдумот право на глас имаат нешто повеќе од 8 милиони избирачи, а за да успее треба да излезат најмалку 50 проценти плус еден гласач.