Рецепт за торта ,,Државна награда”

од проф. д-р Катерина Тодороска

Како и сите еуфорично расположени домаќинки по повод големиот ни празник, 23 Октомври, решив и јас да придонесам за развојот на македонското кулинарство со еден рецепт за торта „Државна награда“. За оваа торта потребни ви се повеќе состојки, па затоа со внимание следете го рецептот.

Кора 1. Прво треба да најдете камелеон, по можност пред пензија и да го „вдомите“ во значајна институција. А за вдомување треба да имате барем еден МАНУ-к близок на камелеонот, дебело насаламурен со децении во семожни саламури подготвени од државата.  Потоа се додава еден желен лик да биде МАНУ-к, насаламурен како директор на институцијата, со ветување дека саламурата ќе му биде дополнително збогатена со МАНУ-чко столче. Секако, за тоа ви е потребен правник во институцијата, заштитен од ДПМНЕ-овскиот приврзок на клучевите и споменот на СДСМ-овскиот пратенички ангажман на член на најблиското семејство. Секако, правникот треба да биде претходно исклучително добро насаламурен, соодветно на неговата употребливост во секоја од корите на тортата. Откако сето тоа ќе го замесите, камелеонот веќе е сместен во значајната инситуција.

Кора 2. За да не застојат состојките, итно треба да се распише конкурс за избор во звање за камелеонот да добие нова попрепознатлива боја. За таа цел се земаат три амеби кои експресно подготвуваат рецензија, а претходно насаламурениот правник уште побрзо ја завршува останатата процедура. За успехот на овој дел од мешанието се додава и мислењето на државниот просветен инспектор, кој со години стои во саламурата на Ректоратот на УКИМ.

Кора 3. Со третата кора се повторува постапката од втората, само што наместо првиот сега се додава нов МАНУ-кољубец, насаламурен со директорско столче во институцијата и кандидатски статус за МАНУ-к. Се разбира, ова последново никако не смее да се пропушти, оти тортата ќе мувлоса. Освен тоа, камелеонот добива и монистра за посилно да свети. Попатно, при подготовката на оваа кора се додаваат некои состојки од кои можете да добиете мачнина при дигестирањето, поради што треба сериозно да се придржувате до рецептот.

Кора 4. Сите состојки од претходните кори се мешаат со повеќеслојна Комисија за доделување на државна награда, сите дебело отстојани во саламури со секакви зачини. За да личи на нешто, тортата се покрива со свечена претстава за нејзино покажување пред јавноста, во вид на шлаг. На врвот како декор на тортата секако се става неизбежниот камелеон.

ВАЖНО: за успешноста на тортата важно е сите состојки што е можно повеќе да отстојат во соодветна саламура.

ПОВАЖНО: тортата нема рок на траење, но кога и да ја пресечете ќе ве удри реа оти смрдеата на состојките ни саламура од лаванда не ја покрива.

НАЈВАЖНО: овој рецепт не го применувајте во нормални држави, оти тие не дозволуваат од камелеони да се прави торта „Државна награда“.