Рик Реј ќе ја памети Македонија по ,,најмрачно патувачко искуство”

 

Рик Реј(Rick Ray) aмерикански турист, фотограф и авантурист кој сака да патува по светот, како што сам се претставува, деновиве преку интернет раскажува неверојтна приказна за доживувањата во Македонија. Тој е познат и по неговите необични искустава со Далај Лама, но негова преокупација е да го прошета целиот свет, да ги запознае народите и обичаите, а од секое свое патување прави репортажи кои преку разни страници за патување, главно на интернет се прегледани од милиони луѓе.

Последната негова репортажа е од Македонија, поточно од граничниот премин Меџитлија, каде имал лошо искуство со неколку наши цариници, кои ги идентификувал и со слика и име и презиме ги објави во својата емисија.

Реј вели дека кога тргнал кон Македонија прочитал убави работи за нашата земја, а приоритет му било запознавање со културата и луѓето, но  и посетата на Скопје за да ги види многубројните споменици.

На патувањата вообичаено, па и сега носел неколку камери и фотоапарати и неколку дронови.

Се запознал, како што вели со сите закони и правилници за внес на ваква опрема во Македонија, но кога пристигнал на граничниот премин Меџитлија тука почнала вистинската драма.

Вели дека не можел ниту да претпостави дека ова ќе биде едно од најмрачните искуства кои воопшто ги доживеал на своите патувања.

Рик Реј тврди дека во меѓувреме дознал дека во Македонија се тргува на црно со дронови и дека нивната цена достигнува дури 8000 евра.

Но, дроновите воопшто не се прредмети кои мора да ги декларирате на граничен премин кон нашата земја. И покрај тоа, цариниците на Меџитлија побарале од Реј да ја извади и расклопи целата опрема што ја носел, а потоа повеќе од 5 часа го држеле во просторија на граничниот премин. Тука го испрашувале, малтретирале и му викале со непријателски тон.

Со име и презиме, тој ги нарекува корумпирани цариници, кои со однапред утврдена цел ги претражуваат автомобилите на граѓани кои доаѓаат од земјите од ЕУ.

Овој американски државјанин тврди дека цариниците на Меџитлија се организирана група која запленува се што им се чини дека потоа може добро да се препродаде. Затоа им ги понудил неговите дронови само да го пуштат да се врати назад во Грција.

Тоа не се случило, предметите му биле одземени, а тој потоа сепак дошол во Скопје каде и ја раскажува оваа приказна.

На крајот вели дека, неговото лошо искуство со македонски цариници на граничниот премин Меџитлија ќе биде прикажано на Youtube и други посетувани интернет сајтови, за да ги предупреди сите што може да им се случи доколку решат да патуваат во Македонија.