БЛАЖЕ КОНЕСКИ СЕ ПРОБИВА

КОН ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА ВО СКОПЈЕ

катаден

на плоштадот македонија во скопје

доаѓаат нашинци

од јабани од туѓини

првин да си ги поткренат

погледите кон воинот на коњ

а потем да си ја поткренат

и добронадежноста

дека татковината

нема да заглави

во некоја од дупките на историјата

низ кои се протиња

тадури до антиката

тадури до олимпија

мајка му на александар

тадури до мајчина му мајчина

на непознатиот оган

кој веднаш ти ја џишнува мислата

и ти ја пеплосува

веќе спомнатата добронадеж.

катаден

на плоштадот македонија во скопје

грижите на нашинците

од јабани од туѓини

ја надвишуваат статуата

на воинот на коњ со големи мадиња

во кои одоздоле севезден зјапа

цар самоил

и кој совршено го разбира

душегрижјето во секоја стапка

на нашинците од туѓини и од јабани

ама вака скаменет во бело

не може да им го фати ни чекорот

ниту може да им објасни

на нашинците од туѓини и од јабани

каде им е домата

и дали домата си има дереџе

на кое се струполува

кога толку запнува

да го оживее светот на мртвите

и со тоа автоматски да го умртви

светот на живите и на уште неродените

катаден

на плоштадот македонија во скопје

нашинците од јабани и од туѓини

сал се прашуваат

толку ли брзо може

да се расипува минатото

толку ли брзо може

да се ничкосуваат надежите

и да ни се расипуваат песните

и оние нашите стари

и оние на заборавените поети

чиишто соништа

се исчадени од кандилата

со кои наместо со рударски ламби

се слегува во окното

во кое ќе се исподавиме

во реки без вода

и нема ни да имаме време

да се изначудиме

кој шејтан стори

параходи да пристигнат

и во нашата накопеана река

која сека година се смалува

од сушите што ни ги

обесолзија о очите

катаден

на плоштадот македонија во скопје

нашинците од туѓини и од јабани

гледаат како се прават куќи

постари од времето

куќи без оџаци и олуци

куќи во кои севезден врне

а понекогаш истура страв

се истура и патриотизам

се иструраат и нервни болештини

и тврдоглавост се истура

завиткана во дупнати кеси

од сплескана принципиелност

ама она што најмногу ги вознемирува

нашинците од туѓини и од јабани

е од каде се стори таа поплава

на намргоденост и глувост

за гласот на народот

од каде се стори

и таа онеменост на народот

и каде се витосаа насмевките

од лицата на луѓето

катаден

на плоштадот македонија во скопје

нашинците од туѓини и од јабани

се препрашуваат дали добро

ги запаметиле уроците

за теоријата на хаосот

што ги учеле во туѓина во јабана

и се мачат да одгатнат

дали ако некому му влезе

пеперутка в глава

може да влијае и на текот

на историското време

дали баш на сите ни е судено

да се препелкаме

во калта на историјата

и да немаме каде да одиме

еден ден

на плоштадот макадонија во скопје

нашинците од јабани и од туѓини

ама и нашинците од оттука

среде шумата од споменици

како да го видоа блажета конески

како се пробива кон плоштадот

– татковино тука сум

како да извика блаже конески

а еве ја со мене и добронадежта

сосе тешкоото прашање

како може да раздаваат душегрижност

оние кои немаат души

и кои градат куќи без оџаци и олуци?

(Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година)

ТИШИНА

На Ацо Шопов

Во твојата соба сум, баш во таа ме ставија докторите, во собата кога последен пат во слава на тишината си упативме по една насмевка, вистински тажна насмевка.
Над глава шишиња од кои, капка по капка, течат лечебни материи, апарати за крвен притисок, за мерење на шеќерот во крвта, за мерење на мастите од кои се добива дамла.

Сè и сешто мерат докторите по болниците освен тишината на болните. Таа е немерлива.
Јас пак сиот нурнат во твојата тишина, како во надвременска капсула, ги галам твоите негувани стихови – сал одвреме навреме ќе ѕирнам кон прозорецот и ќе се стаписам од глетката: измислиле некакви справи од жица
кои им оневозможуваат на ластовиците, замисли, на ластовиците!да прават гнезда на аглите на прозорците ‐ тоа било нездраво и нехигиенски,
а божем е здраво да станеме земја на бездомни ластовици.


Како што расте бројот на бездомните ластовици, така расте и бројот на домашните кавги, расте и бројот на гладните, а жедните, како што се рекло, одамна се преведени преку вода, а не е да речеш дека нема и нови кавги и дека зборовите повеќе се употребуваат како куршуми, и дење и ноќе, иако веќе се измеша сè и човек тешко може да распознае кога е ден, а кога ноќ. Сеќавањата не се препорачливи, ни мигум, кога вртоглаво се урнисуваме кон дното на бунарот полн со стара, убава тишина.


Тешко се наоѓа некој кој ќе ја објасни вревата која во толпи нагрнува кон тишината, а не пак, да знае, колку ли
исркани филџани кафе се испревртени наопаку врз страниците на македонската историја. Јас уште си ги галам твоите фино негувани стихови, напињам да ја довардам старата, убава тишина(напињањето ѓоа го зголемувало крвниот притисок‐ ако барем нешто да се зголемува во овој бунар), а ти ќе ме разбереш зошто не те прашувам дали се уште ги сакаш партизанските песни, оти тоа е како да те праша некој дали ја сакаш слободата и тишината во слободата.

(Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година)

(Песни на Ристо Лазаров посветени на македонските безвременски поети Блаже Конески и Ацо Шопов)