Саудискиот новинар и дописник на ,,Вашингтон пост, ” Џамал Кашоги, починал во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, после жестока тепачка со луѓето што ги сретнал таму.

Ова е официјалната верзија за смртта на Кашоги објавена од официјален Ријад. Не се спомнува негово малтретирање и мачење.

Саудиска Арабија објави дека се уапсени 18 лица, Саудијци, , а советникот на Кралскиот суд, Сауд ел Катани и заменик директорот на разузнавачката служба, Ахмед Асири, се сменети ид своите позиции, пренесува Ројтерс.

Oва е првпат Саудиска Арабија да го прогласи новинарот Кашоги за мртов.

Тој исчезна на 2 октомври, а последен пат беше виден како влегува во конзулатот на оваа земја во Истанбул.

Турските власти по пријавата дека е исчезнат, спроведоа опсежна истрага и утврдија дека Кашоги е убиен во конзулатот, мачен, а потоа неговото тело е распарчано и однесено на непозната локација.

Неколку дена трае пребарувањето на околните шуми. Се бараат остатоците на Кашоги.

Тој беше жесток критичар на кралското семејство во Саудиска Арабија, кое се сомничи за директна поврзаност со неговата смрт.