Ромскиот глас не е помалку важен

Се наоѓаме во предизборна кампања во која сме сведоци на секојдневното влијание на политичките партии. Напорно се работи за да не остане човек на чија  одлука нема да се влијае. Се користат разни механизми за да се постигне тоа: електронски и печатени медиуми, телевизии, теренски, митинзи во речиси секоја општина и останати механизми.

Како и вообичаено, премногу се ветува. Дел од граѓаните песимистички гледаат на ветувањата, додека, пак, на останатите им се раѓа надеж за подобра иднина. Сепак, оние коишто го одлучуваат победникот се партиски неопределените граѓани и лидерите на партиите вложуваат огромни напори за да ги придобијат нивните гласови.

Во пресрет на престојните парламентарни избори, почувствував потреба да напишам порака до групата на граѓани кои се разочарани од едните или од другите и сметаат дека нивниот глас нема да значи и промени многу.

Денот на изборите е ден кога јас, ти, ние, имаме можност да ги искажеме нашите фрустрации, незадоволства и проблеми. Гласањето е процес кога стоиме само ние пред нашето гласачко ливче, покрај сите притисоци и надворешни влијанија, никој не знае што ќе заокружиме.

Нашиот глас е најмоќното оружје на денешницата којшто можеме да го искористиме за демократски да ги ,,казниме” предизвикувачите на нашите проблеми и да им дадеме можност на оние на коишто веруваме дека би можеле да го променат општетството.

Доколку не постојат такви, во секој случај искористениот глас има многу поголема вредност, бидејќи со него, покажуваме дека мислиме, чувствуваме, постоиме. Главната порака која што сакам да ја испратам до оваа група на граѓани е следнава:

Да, токму твојот глас е најважен и ќе ја одлучи изборната трка!

Автор на текстот: Мухамед Ајваз (Ромскиглас.мк)