ВИДЕО:Руското МНР демантира дека Лавров поддржува поделба на Македонија

За официјална Москва  текстот на македонската редакција на Дојче Веле во кој пренесуваат наводна изјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека се согласува со федерализација е провокација. Овој текст има  цел,   се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи,„да се наруши рускиот имиџ на Балканот и дополнително да ескалира ситуацијата во Македонија“.

Во официјалната реакција објавена на сајтот на руското МНР се вели:

,,Обрнавме внимание на вознемирувачкиот според својата содржина напис објавен во „Дојче Веле на македонски јазик“ во кој се прави обид на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров да му се припише идејата за поделба на Република Македонија која неодамна ја искажа американскиот конгресмен Дејна Рорабакер. Сергеј Лавров не само што никогаш нема дадено такви изјави, туку напротив,решително ги осудувал провокациите од тој тип.

Очигледно е дека оваа измислица е чиста провокација чија цел е да се поткопа имиџот на Русија во Балканскиот регион, уште повеќе да ја „загрее“ ситуацијата во Македонија. Притоа,  грубото мешање на поранешната администрација на САД и на ЕУ во внатрешните работи на македонската држава, употребата на деструктивни методи на „шарената револуција“, обидите да се наметнат шеми на формирање на власта кои се спротивни на волјата на граѓаните изразена на парламентарните избори од 11 декември 2016 година, не предизвикуваат внимание во написот  . Убедени сме дека токму таквите појави како краен резултат водат кон поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија“, се вели во коментарот објавен на сајтот на МНР на Руска Федерација.

Порталот Руска реч го објавува видеото во кое Лавров зборува за политичката ситуација во Македонија.