Савески: Новото раководство на ССМ во скутот на СДСМ

 

 

,,Горан Трајков од Штип, борец за принципи, упс, за фотелја, преку ноќ од синдикалец стана директор. Па каде го има тоа? Се разбира, во Македонија. Со „синдикати“ контролирани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и со безброј „синдикалци“ кои висат по партиски штабови за да седнат во синдикалните фотелји. Ги реши Горан проблемите на текстилните работнички во Штип, па сега ќе директорува со Домот на млади. Или, гајле му беше за проблемите на текстилните работнички и кога седна на синдикалната фотелја во Штип.

Одговор за неговиот „трансфер“ од синдикалец во директор должи и новото раководство на ССМ, во служба на СДСМ. Зошто баш него го ставивте на чело на синдикатот во Штип? Зашто беше истакнат синдикален организатор или зашто ви наложи СДСМ да му најдете некоја фотелја и нему?

Новото раководство на ССМ, во скутот на СДСМ, да ѝ објасни на јавноста и на работниците, зошто, за работнички пари, во Штип ангажира партиски кадар на СДСМ за тој, по само неколку месеци да седне на директорска фотелја. Такви „борци за работнички права“ вие ангажирате?

Врз основа на што го поставивте Горан Трајков за регионален претставник на ССМ за Штип? Распишавте ли конкурс при неговиот ангажман? Направивте ли разговор со него пред да го ангажирате, да го прашате дали сериозно планира да се занимава со проблемите на работниците? Или, го ангажиравте зашто е дете на СДСМ, за да фаќа некоја пара, додека СДСМ не му најде попрофитабилна позиција?

Кого планирате сега да го седнете на синдикалната фотелја во Штип? Нов човек на СДСМ? Ќе ви дојават од штабот?

И за крај, што правиме за Први мај? Ќе протестираме или ќе изразувате задоволство од социјалниот дијалог со власта? Зашто, се разбира, животот дојде за работниците“-прашува Здравко Савески од Левица.

Горан Трајков неодамна беше именуван за директор на Домот на млади во Штип.На штипската јавност и беше познат и како ,,поборник за правата на текстилните работници и еден од водачите и организаторите на шарената револуција во Штип“.

Трајков минатата година , кога се уште беше активен во ССМ, изнесуваше случаи за злоупотреба на текстилните работнички во штипските конфекции, за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, обвинувајќи ја тогашната власт дека не презема ништо да ги заштити.

,,Во една штипска текстилна конфекција четири работнички работеле 13 години со полно работно време, а поранешниот нивен работодавач придонесите кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување им ги плаќал само на половина работно време.

Сега тие имаат работен стаж од само шест години и шест месеци.

 

Работниците кои се охрабрија да зборуваат доаѓаат од фабрика во која се вработени околу 200 работници. Правиме темелни проверки преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, каде што работниците си ги вадат овие документи, прегледи за да може да утврдиме дали сите работници биле осигурани на скратено работно време, односно на 20 часа неделно. Во самиот старт може да заклучиме дека станува збор за четири работници, кои се изненадени од ситуацијата“- изјави Трајков лани во октомври како координатор на ССМ за штипскиот регион.

Фото: Горан Трајков како поддршка на СДСМ за време на парламентарните избори