Сад и ЕУ ги охрабруваат партиите

Американската амбасада во Македонија ги охрабрува политичките партии да се придржуваат до обврските кои што ги презеле со потпишувањето на Договорот од Пржино и договорот од 20 јули, а тоа значи и поддршката на работата на Специјалното јавно обвинителство.

Амбасадата реагираше со соопштение откако денеска пратениците од владејачкото мнозинство не ги поддржаа барањата за измени на Законоте за СЈО и за заштитени сведоци кои ги побара Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, а предлог измените во Собранието ги поднесе пратеничката група на СДСМ.

„Ги охрабруваме сите партии да се придружуваат до обврските кои ги преземаа според Договорот од Пржино и договорот од 20 јули, а со кои треба да се осигураат веродостојни избори, непречна работа на Специјалното јавно обвинителство, и на независните набљудувачи на медиумите. Воспоставување на одговорност за неовластеното прислушување и обвинувањата за злоупотребите од власта се круцијални за излез од политичката криза во која се наоѓа Македонија. Веруваме дека барањата на СЈО за поддршка на темелна и независна истрага се разумни“, пишува во реакцијата на амбасадата.

Денеска реагираа и Делегацијата на ЕУ и холандската мабасада во земјава. Од Делегацијата на ЕУ велат дека улогата на СЈО беше договорена од сите партии, како дел од Договорот од Пржино и партиите повеќе пати се обврзаа да ја поддржат работата на СЈО.

„ЕУ ги охрабрува сите да дејствуваат во согласност со своите обврски и ја истакнува важноста на отчетноста“, соопштија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Според холандската амбасада, пак, СЈО игра клучна улога во излегувањето од политичката криза и потребна е постојана поддршка од сите вклучени страни, за СЈО да може да ја исполни својата мисија.

МКД.мк