Утрината падините на Водно, од средно Водно па нагоре, се капат во сонце. Оваа фотографија е направена околу 9 часот, а жителите на градот во кој не може да се дише веќе неколку дена, масовно се искачуваат на врвот на планината. Многумина од нив велат дека имаат намера таму да го поминат целиот ден, на сонце и чист воздух, со температура неколку степени над нулата. За разлика од Водно, Скопје од таму воопшто и не се гледа, туку е обвиткано во тежок облак од густа магла.

Вчера во скопската општина Карпош беа измерени рекордни 1218 мг ПМ честички на метар кубен воздух. Ова е 25 пати повеќе од максимално дозволената граница од 50 мг.

Воздухот во цело Скопје буквално не се дише и мириса на некаков отров.

Денешните мерења покажуваат намалена концентрација на опасни ПМ честички, но повторно неколкукратно над максимално дозволената граница.

Во Карпош 446 мг, во Лисиче 256, Ректорат 390, Гази Баба 252. Мерната единица во општина Центар не покажува податоци во моментот.

 

АКО.мк