Самопонижувањето е врв на индивидуалното дно

 

 

 

Сите оние што ме знаат, ама еве и за оние што не ме знаат, јас сум голем колекционер на чаши. Вакви, такви, онакви. Секогаш и секаде каде одам купувам чаши. И, сите ми беа сместени дома во еден шкаф се до земјотресот во август, 2016 –тото лето Господово, големата природна непогода ми ги искрши. Без моја вина останав без многу од моите прекрасни, украсни, употребливи, саде гледливи итн. итн. чаши.

И без смеа, и без шала. Толку ми беше криво и настрането се, што децата мораа да се зафатат со расчистување на срчите од моите чаши.

Е приказнава е за една од нив. Прекрасна, донесена од не знам каде, исклучително полезна чаша. Таа не се скрши, ама напукна. И од жалојна за чашата, не ја фрлив туку ја залепив со супер лепак, а за да не се гледа лузната на чашата ја бојадисав со црвена боја. И еден ден се обидов да ја употребам како вазничка, оти веќа не е за пиење од неа, ама убава е и оти да не ја употребам, си реков. И ете ти чудо. Лека, полека чашата остана без вода која се разлеваше по масата. Мојата чаша беше убава за гледање, соодветно залепено, но веќе неупотреблива.

Сега она од што цел ден ме боли глава.

Изборите од 11. 12. 2016-то лето Господово.

Сите ги чекавме, дочекавме, испративме. Сега чекаме резултати, кои пристигнуваат од овде, од онде, ама никако од кај што треба.

И утринава, отворам компјутер да ѕирнам реакции за вчерашните изјави на челниците на партиите. Стасав и до ФБ, а таму останав вџашена и поразена. Многу повеќе поразена одошто вчера кога ДПМНЕ и директорот на Државниот архив на РМ глумеа „победа“.

И за да не ве држам во неизвесност ќе ви кажам дека видов еден текст од кој ми се слоши. Младо момче од УМС на ДПМНЕ беше напишало такви гнасотии, навредливи и перверзни кованици кои остануваат во доменот на науката. Верувам дека големите македонисти, полјакот Мачеј Кавка и американецот Виктор Фридман, неизмерно би биле заинтересирани да ги обработат и по светот да ги презентираат ваквите писанија.

Нема да ви пренесам ниту едно од нив само поради сопствената ментална хигиена. Не, нема ниту да ги цитрира, ниту да ги парафразирам. Како и да е, за да ви доловам за што зборувам, ценам дека е доволна илустрацијата што ја пренесувам. Со целосно извинување и пред себе и кон вас.

 

karik

 

Страницата на која е објавено ова се вика „И Јас Сум ВМРО ДПМНЕ“. Дегутантно до немај каде. Уште еднаш, се извинувам за фотографијата, но таа е јасен показател за болните и настрани коментари на кои наидов.

В час ми се нароија безброј прашања: Каде забегаа децава? Како се изгубија човечките вредности? Можно ли е да имаме толку исфрустрирана младина? Што е тоа интелигенција и образование?

Ах, тоа изгубено, понижено, обезвреднето 10 годишно образование. Еве ја твојата слика. Ако неговите ефекти сега се вакви, што ли не чека по некоја година од набрзина дипломираните, полуписмените магистри и нарцисоидните доктори на науки, ќе добијат уште поголеми крилја од овие денешниве?

Хорор.

И, тогаш повторно се сетив на говорот на претседателот на ДПМНЕ од вчеравечер, кој сакаше да ја претстави компактноста и моќта на партијата која ја предводи. Се заблагодари на членовите, на УМС на ДПМНЕ, на жените на ДПМНЕ….. Според него, на вчерашните избори победила Македонија.

Според мене, а после сите прочитани гнасотии, Македонија вчера го доби последниот шамар за отрезнување.

Според мене, од вчера, ДПМНЕ е само слика и прилика на мојата залепена чаша. Убаво изгледа, ама е неупотреблив.

 

проф.д-р Катерина Тодороска