Министерот за здравство, Венко Филипче, со медицинскиот тим кој се грижи за Иван Огњановски кој вчера доби ново трансплантирано срце од неодамна трагично починатата Емилија Динева, утрината го посетија и објавија фотографија со него. Иван е буден, се чувствува добро, но е потребно време во кое треба телото да го прифати новиот орган.

,,Утрово го посетив Иван, тој е буден и се чувствува добро. Изрази огромна благодарност до семејството Диневи, докторите и целата јавност за поддршката која ја добива.

По успешната операција следува најважниот период од неговото закрепнување, периодот во кој телото на Иван треба да го прифати новиот орган.

Докторите максимално посветено ќе го водат низ овој процес, да им посакаме среќа на сите.

Верувам дека овој историски подвиг на македонското здравство, овој највисок акт на човечност и хуманост, ќе ја подигне свеста за органодарителството и ќе имаме уште многу успешни трансплантации“-напиша министерот.

Тој напоменува дека фотографијата е објавена со согласност на Иван и неговото семејство.