Св. Клименте, не проштевај им!

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

Денес ти е денот, голем, важен, ден единствен. Оти е твој, Св. Клименте. А ние, чествувајќи го споменот на Тебе, со гордост си припомнуваме на Твојата жртва за нашата идна полза.

            И токму на денов Ти, решив да Ти пишам, светецу наш.

            Благодарни сме Ти што нѝ остави 16 слова потпишани од Тебе, како дела од „епископ Климента Охридского“, некои пофални, а некои поучни. Нѝ пишуваш дека „уката“ е основата на благодетта и развојот на сечиј живот. Авторскиот потпис Твој, нѐ обврзува да го вреднуваме и цениме трудот вложен во пишувањето и на 54-56-те канони и други Твои дела од црковнта поезија.

            Наследниците ти, ќе запишат “…Додека беше жив, како од небесна и висока светилка, тој ги расфрлаше зраците на ова учење меѓу неговите ученици и кога се пресели во радосниот живот меѓу блажените, го остави својот свет гроб како непроценливо богатство на своето паство и како имот вреден колку целиот свет” ( Димитрија Хоматијан, Кратко Житие на св. Климент”). А твојот гроб бил и останал во Охрид, градот во кој го изгради Првиот словенски универзитет, градот во кој остави илјадници ученици и следбеници.

И така, Св. Клименте минувале векови и векови, а твоето дело и твоите поуки стануваат проблем. Проблем оти не си бил Бугарин, ама заради нивната слепотија, ти ги мешаат коските и те продаваат за она што не си сонувал дека ќе те продадат. Велат, заеднички си бил меѓу Македонците и Бугарите. Па има ли поголема трагедија за еден народ да си плука по својата света историја, да ги „дели“ корените на својата писменост? Има ли?

Богу удобно би било, да ти пишам, прости им Св. Клименте не знаат што прават. Но, не можам, оти тоа би било скрнавење на вистината. Затоа ќе ти пишам, Св. Клименте, не проштевај им, знаат што прават.

Но, денес е и денот кога во вечниот дом се всели, Блаже Конески. Вљубеник во твоето дело, следбеник на твоите слова. Да, почина ден пред тоа, како да беше речено, да се сретнете на твојот ден, некаде во времето и просторот кои нам ни се непознати. Сигурно имате многу за беседење.

            А јас, пак, многу се жестам од лицемери, и да ти кажам дека освен овие лицемери кои те „раздаваат“ тебе, истите на Блажета му газат по делото, по животот. Велат го немало, не постоел до 1944 година, не пишувал за историјата на македонскиот јазик. Велат, не бил „џуџе“, а подолу од џуџе ќе биде ако му го избришат делото и му го скрнават името.

            Светецу наш, та зарем не е лицемерно да газите по нечиј живот, а истовремено да „славите“ цела година во негово име. Во име на еден од твоите најпосветени следбеници, проучувачи, втемелувач на македонскиот литературен јазик.

Богу удобно би било, да ти пишам, прости им Св. Клименте не знаат што прават. Но, не можам, оти тоа би било скрнавење на вистината. Затоа ќе ти пишам, Св. Клименте, не проштевај им, знаат што прават.

Дигресија:

За вечниот дом на Св. Климент

После многу рушења и обновувања, црквата Свети Климент и Пантелејмон претставува реплика на постарата црква Свети Пантелејмон која Св. Климент ја изградил  во 863. година на истотото место, и на темелите од голема петобродна ранохристијанска базилика. Во 916 година, Свети Климент, бил погребан во подот на црквата во гробница, која наводно самиот си ја подготвил. Денес, за оние што не знаат, Светиклиментовиот гроб во новиот храм е на старата гробна конструкција, целиот под стакло, а над него има саркофаг од мермер во кој се наоѓа ковчежето со моштите на свети Климент. На јужната страна на гробот се поставени икони на свети Климент и на свети Пантелејмон. Од другата страна во ниша се наоѓа дрвена скулптура на свети Климент од 13. век пронајдена во црквата Света Богородица Перивлепта. Во и околу новоизградената црква има стаклени подови за да се гледаат остатоците од стариот храм. Сочуваните фрески, во долните зони од внатрешноста се специјално претставени, зашто храмот е споменик на културата. Од оригиналите, сочувани се основите на столбовите и една костурница во централниот дел од храмот. На овие места е поставено дебело стакло, за да може посетителите да ја согледаат целата конструкција на црквата.

            За вечниот дом на Блаже Конески

            Вечниот дом на Конески се наоѓа во Алејата на заслужните граѓани на гробиштата во Бутел. Има, сѐ на сѐ, тројца редовни посетители. А по потреба, на некоја годишнина или некој датум, се појавуваат и некои други букети. Да, таму нема клупа да седнете, да одморите, да помуабетите со Блажета. Нема ништо по што неговото вечно почивалиште би ви кажало дека тука е вечниот дом на великиот Блаже Конески.