СДК: Клучните докази на СЈО за империјата на Камчев се обезбедени од неговите телефонски разговори со Оливера Трајковска

Истрагата за „Империја“ против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ и уште десет лица е веќе поткрепена со материјални докази, документи за офшор компаниите кои биле основачи на бројни фирми во Македонија преку кои се переле милионски суми пари, како и со изјави на сведоци, тврдат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), пишува порталот Сакам да кажам.

Основни индиции за СЈО да го преземе предметот од редовното Обвинителство и да отвори предистрага биле разговорите на Влатко Мијалков, брат на ексдиректорт на УБК Сашо Мијалков, сопругата на Орце Камчев,  Ана Камчева, новинарката Оливера Трајковска и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, кои биле таргети за прислушување, а кои му беа предадени на ова Обвинителство.

СЈО на 9 ноември 2018 отвори истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска-Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во куќен притвор се Мијалков, Камчев, Панделески и Јосифовиќ.

Разговори на новинарката Оливера Трајковска, обезбедени со посебни истражни мерки за нејзиниот пријател Камчев , се меѓу основните индиции за СЈО да го преземе предметот од редовното обвинителство. – Орце Камчев и Оливера Трајковска на прослава на 15. годишнина на „Систина“ во јуни 2016 година (Фото: Телеграф)

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година дел од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и останатите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“ со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

„Злосторничкото здружение“ се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности, пишува Макфакс.