СДСМ:Власта во заминување се богати за сметка на граѓаните

Власта во заминување ги крши законите за да може до последниот ден од мандатот да црпи средства од буџетот за сопствено богатење. Стотици граѓани не можат да ги добијат своите субвенции и стипендии бидејќи им е кажано дека техничката влада не смее да врши исплаќање на средства.

Одговорите од министерствата за земјоделство  и образование се идентични – не смеат да се исплаќаат средства бидејќи било спротивно на закон и затоа што станува збор за техничка влада-изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов и праша, како истиот тој закон не важи за министрите за здравство и одбрана.

Министерствата за одбрана и за здравство  немаат проблем да плаќаат буџетски пари за извршување на јавни набавки. Од една страна се доделуват тендери, јавни набавки и се задолжува државата, а од друга страна имаме илјадници лица кои не можат да дојдат до парите кои им следуваат.

Ваквите двојни аршини јасно покажуваат дека власта во заминување свесно го крши законот за сметка на богатење на фирми и поединци блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ не смеат да се ставаат над законите само за да можат до последен ден да го оштетуваат буџетот.

Укажуваме дека никој не смее да се става над законите и дека и за овие, како и за сите останати злоупотреби ќе следува одговорност-рече Шилегов.