СДСМ бара истрага за ,,бомбата“ за Богоевски, додека за одговорноста на пратеникот оставаат на неговата лична совест

Владејачката СДСМ бара надлежните институции да го истражат случајот со објавувањето на тајно снимениот разговор на пратеникот Павле Богоевски и објавувањето на тој разговор на социјалните мрежи.

За оваа партија е поважно да се дознае кој и како го снимил и објавил разговорот.

,, Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го решат случајот, особено околу неовластеното снимање и емитување на снимката. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест и одговорност на секој пратеник. Законите важат за сите подеднакво“ – изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Претседателот на собранието пак, засега не гледа основа за постапка против пратеникот Богоевски:

„Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, секогаш кога според Уставот и Деловникот на Сoбранието е должен да постапува, презема конкретни иницијативи и мерки кои се во согласност со неговата надлежност. Во овој момент нема основ за каква било постапка. Претседателот на Собрането очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот“, се наведува во соопштението од кабинетот на Џафери.

Од Владата, пак, за случајот со пратеникот Павле Богоевски велат дека одговорите треба да се бараат во Собранието, бидејќи во нивна надлежност се прашања или случувања кои се однесуваат на одговорноста на владини функционери.

-Во овој конкретен случај имајќи предвид дека станува збор за пратеник  кој е дел од законодавната власт сметаме дека е потребно овој одговор да го дадат во Собранието. Инаку, конкретно во однос на поднесената пријава од страна на пратеникот сите засегнати институции ќе постапат според прописот со цел расветлување на случајот, особено за снимањето  и емитувањето на материјалот кој е забранет, како и за самоиницијативно поднесената пријава од страна на пратеникот Павле Богоевски, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната редовна прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.

Вмро Дпмне симболично остави метла пред собранието и побараодземање на партеничкиот мандат на Богоевски.

„Богоевски призна дека нелегално купувал наркотични супстанци и го прекршил законот. Како што слушнавме на снимката од анонимен свиркач, Богоевски набавувал кокаин, па прашуваме дали тој има легитимитет како пратеник да одлучува во име на народот. Богоевски треба да одговори од каде вршел набавка, дали ја препродавал дрогата и колку време е корисник на нарко-супстанци. Доколку е чист, уште вчера требаш да направи тест за дроги. Ги повикуваме надлежните институции и ОЈО да покрене постапка и да го затвори случајот, а Заев веднаш да се фати за метлата. Ако нема, еве ние му оставаме една пред Собрание“, изјави Дафина Стојановска.