СДСМ ветува засилена борба против домашното насилство

 

СДСМ во својата програма има посебно место за борба против домашното насилство. Денеска сме тука за да покажеме дека сите се важни, дека секој мора да ги ужива истите права пред законот и сите да бидат еднакви-рече потпретседателот Дамјан Манчевски.

,,Тоа значи посебна грижа од државата и заштита за најранливите. Ветуваме дека нема да има никаква толеранција за насилството.

Ќе ја ратификуваме Истанбулската конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година.

Ќе донесеме нов Закон за родово базирано насилство, ќе го измениме Кривичниот закон и ќе воведеме одредби за сите форми на родово базирано насилство.

Ќе воспоставиме мрежа на стандардизирани институции која го гарантира минималниот пакет на услуги за заштита од домашно насилство.

Ќе ги вклучиме здруженијата на граѓани во нудење на услуги за превенција и заштита од родово базирано насилство. Тие ќе бидат поддржани преку насочени грантови, шеми за обезбедување на соодветна, квалитетна и специјализирана поддршка. Тука зборуваме за психо-социјална поддршка за жртвите на силување, кризни центри за жртвите на силување, како и засолништа.

Ќе обезбедиме казнено-правна заштита за децата кои биле сведоци, односно жртви на родово засновано насилство, вклучително и домашно насилство. Ќе воведеме правила со кои ќе се гарантира остварувањето на најдобриот интерес на детето.

Државата не смее да ги остави своите граѓани сами да се справуваат со проблемите. Таа ќе биде тука и ќе им пружи заштита кога им е најпотребно,,-изјави Манчевски.