СДСМ ветува реизбор на судии, ВМРО ДПМНЕ ги храбри да не потклекнат под притисокот на Заев

Ќе има целосен реизбор на судии. Судиите ќе работат во заштита на граѓаните, а не по партиски директиви како досега-реагира Социјалдемократскиот сојуз по пишувањата во некои медиуми дека дваесетина судии се отстранети од Кривичниот суд и префрлени во судот за прекршоци.

Никој и ништо нема да ја спречи правдата. Во Република Македонија ќе има правда, а сите кои правеле криминал и злодела ќе одговараат.

Така одлучија над 612.000 граѓани на Македонија и тој процес е незапирлив. Во Македонија ќе се спроведат темелни реформи според извештаите на Рајнхард Прибе и на Европската комисија, што ќе обезбедат независни институции,велат социјалдемократите.

Според нив, сите обиди на криминалците, и надежи, дека може да ја избегнат правдата се јалови.
Порачуваме на институциите, да не се вовлекуваат во заштита на криминалната власт во заминување, која не избира кого ќе повлече со себе, во паниката од промените што доаѓаат.

Македонија еднаш виде како изгледа кога СДСМ во еден ден менува 617 судии и обвинители со такви по свој терк-одговара ВМРО ДПМНЕ.

Граѓаните еднаш видоа како СДСМ владее и како сака во потполност да го окупира судството.

Јавноста со свои очи виде и како експонентот на СДСМ во правосудството СЈО си ги штити своите пулени. Јанева го ослободи Верушевски, го аболицираше по втор пат Заев и спроведува отворена хајка против ВМРО-ДПМНЕ.

Судството не смее да потклекне пред заканите на СДСМ. Судиите мора да го задржат професионалниот кредибилитет и интегритет и да судат по закон без разлика на заканите -се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.