СДСМ: ВМРО ДПМНЕ лаже, Игор Милев нема син

ВМРО-ДПМНЕ партијата симбол на непотизмот и партизацијата на институциите, особено во судството и нема никаков кредибилитет да зборува на тема непотизам, реагира СДСМ откако опозициската партија објави шема на наводни фамилијарни вработувања во СЈО.

,, Да ги потсетиме ВМРО-ДПМНЕ на дел од бројните случаи на непотизам. Екс министерот за правда Михајло Маневски кој и денес е дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со неговата сопруга направија најголема “фамилијаризација” на правосудните институции. Олгица Павловска –судиката во Основниот суд –Штип, е прва братучетка на Филимена Маневска, сопругата на Михајло Маневски. Јово Вангеловски, кум на Трајко Вељановски, претседател на Собранието на РСМ , беше избран за претседател на Врховен суд. Маја Маркова-Котевска,сопругата на Иво Котевски, портпарол на МВР е судија во Основен суд Скопје 2, ќерка на Љубинка Муратовска поранешен член на Врховен суд и актуелен член на Антикорупциската комисија  и сестра на Серјожа Марков, дежурен адвокат на фамилијата инсталирана во ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е изворот на срамниот непотизам и партизација.  Покрај тоа што нема кредибилитет да зборува на темата , во јавноста шири и дезинформации и лаги.

Потврда за тоа е наведувањето дека син на Игор Милев , кумашинче на Лиле Стефанова бил  вработен во СЈО. Лаги од овој тип веднаш се проверуваат и потврдуваат, Игор Милев нема син. ВМРО-ДПМНЕ останува да биде заробена во матрицата на груевизмот, на лаги, измислици и вештачки креирани случаи“- се вели во реакцијата.

Претходно ВМРО ДПМНЕ на прес коференција обвини за непотизам во СЈО .