СДСМ: Затворањето на ,,Утрински весник“ дополнително ќе ја влоши состојбата со медиумите

 

Затворањето на Утрински весник е доказ зошто Македонија е последна на Балканот по медиумски слободи и се неопходни промени-реагираат од СДСМ.

Најавеното затворање на Утрински весник е уште еден доказ зошто Македонија е на дното на Балканот по медиумски слободи и зошто се неопходни демократски промени и конечна заштита на слободата и професионалното работење на новинарите и медиумите.
Неспособноста на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да се соочат со своите слабости и неприфаќањето на ниту една конструктивна критика, резултираше со невидени притисоци кон медиумите, новинарите и сопствениците. Заканите, тужбите, апсењата, затворањата и насилната реторика кон одредени новинари и цели медиуми од страна на власта во заминување, ја турна Македонија на дното на Европа по медиумски слободи. Затоа Македонија и во последниот извештај на Репортери без граници е рангирана како последна на Балканот!
Затворањето на Утрински весник дополнително ќе го намали рекордно нискиот рејтинг на Македонија по слобода на медиумите.
Ударите врз професионалното новинарство и притисоците врз нив мора да завршат.
Повеќе никој да не помисли како оваа режимска власт во заминување да врши каков било притисок кон кој било медиум, новинар или сопственик на медиум.
Демократските процеси мора да продолжат. Тие гарантираат слобода на медиумите и заштита на новинарите од какви било закани.
Македонија заслужува професионално и одговорно новинарство.
СДСМ како одговорна партија ги поддржува новинарите и медиумите и ќе се заложува за почитување на слободата на говор и слободата на медиумите коишто се врвна демократска вредност во едно цивилизирано општество-се вели во реакцијата на оваа партија.