СДСМ: Новата Влада веднаш ќе почне реформи во судството и ќе предложи продолжување на мандатот на СЈО

 

,,Изборот на новата реформска Влада значи крај за Сваровски судството. Новата власт значи крај за судии избрани од тевтерчиња кои ги штитат криминалите на Никола Груевски раководството на ВМРО-ДПМНЕ и носат нарачани судски пресуди против политички неистомисленици. Груевски и соработниците знаат дека промените носат и крај за балските интервенции кај државниот обвинител Марко Зврлевски, за кумовските врски како онаа на Трајко Вељановски и Јово Вангеловски, за кадровските пајажини во судството што ги прават Груевски и фамилијата и сега на заминување, како што се последните примери на смени во Кривичниот суд.

Новата реформска Влада, веднаш по изборот ќе предложи продолжување на рокот во којшто Специјалното јавно обвинителство може да покренува обвиненија, за расчистување на скандалот со прислушувањето и понатамошна борба против корупција, криминал, злоупотреби на власта.
Веднаш ќе ги донесеме измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара СЈО, за да овозможиме квалитетни истраги и одговорност за сите криминали и злоупотреби-изјави Петре Шилегов, пратеник и портпарол на СДСМ.

 

 

,,Ќе има реформи на Судскиот совет, како и измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите. Квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки.

Ќе следуваат и темелни реформи во Јавното обвинителство. Македонија ќе биде правна држава во која законите ќе важат подеднакво за сите! Криминалците ќе одговараат и ќе ги вратат сите украдени пари!

Секој кој е против овие промени треба да знае дека е заштитник и соучесник во криминалите на досегашната власт, или е злоупотребен за тие цели.

Затоа ги повикуваме сите вработени во јавните установи и правосудниот систем да бидат свесни за нивната одговорност и историскиот момент во кој живееме. Секој мора да ја работи својата работа професионално, неселективно и според законите и да не се става во заштита на криминалот и криминалците“-рече Шилегов.