Сеад Кочан две недели во бегство

Две недели нема ни трага ни глас од Сеад Кочан осомничен во предметот „Труст“  кој се бара со меѓународна потерница за спроведување во истражниот затвор во Шуто Оризари каде му е одреден 30-дневен притвор.
Од полицијата велат – дека активно работат и се трага по него,  но во моментов сè уште нема конкретен напредок.
Адвокатот на Кочан, Никола Додевски пред два дена  не сакаше да дава изјави поврзани со овој случај. Тој по средбата во Врховниот суд со претседателот Јово Вангеловски рече дека на настанот е во својство на претседател на Адвокатската комора и не може да коментира за предмети поврзани со неговата приватна адвокатска работа.
Апелациониот суд минатата недела делумно го потврди решението на Кривиниот совет во врска со  околноста за опасност, што е доволно  за определување на притвор во траење од 30 дена.
Покрај тоа Судот наложи кога  МВР ќе го пронајде Кочан, тој да биде лишен од слобода и спроведен на издржување на мерката притвор.
Кочан е првоосомничен во предметот на СЈО „Труст“. Според Специјалното јавно обвинителство, Кочан со уште две лица, раководители во фирми, формирале конзорциум и со фалсификувана документација добиле тендер од државната ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.