Седуммина се лишени од слобода за тешката сообраќајна автобуска несреќа кај Ласкарци

ОЈО поднесе кривични пријави за седум лица за предизвикување на тешката сообраќајна несреќа на автобусот на Дурмо турс кај селото Ласкарци, во која загинаа 15, а се повредени 39 од патниците.

Како што изјави на прес конференцијата обвинителот Сашо Рајчев, донесена е наредба за спроведување на истражна постапка за 6 лица, кои се товарат за тешки дела на загрозување на безбедноста на патниците во сообраќајот.

За едно лице нема да се води предистражна постапка, но ќе добие кривична пријава за злоупотреба на службена положба.

Осомничени за тешката автобуска несреќа се сопственикот на превозникот од Гостивар, Дурмо турс, како и раководител на Дурмо турс. Сопственикот Дурмиш Белули не поседувал валидни сертификати и не ги почитувал законските прописи за организирање на патнички сообраќај.

Тој според досегашните сознанија на обвинителството , го препуштил раководењето на второосомничениот, иако не поседувал таков сертификат.

Обвинителот информираше дека истрагата открила дека автобусот во кој загинаа 15 патници, во јули бил на технички преглед, но и покрај тоа што биле откриени недоследности во работата на сопирачките, во декември е издадена документација дека автобусот е исправен за сообраќај.

Исто така, возачот го управувал автобусот со недозволена брзина од 99 км, и го активирал недозволениот манипулативниот управувач на тахографот за да не ја евидентира недозволената брзина.

Возачот заради недозволената брзина ја изгубил контролата над автобусот и направил тешка сообраќајна несреќа.

Истрагата утврдила дека во еден момент имало обиди за кочење, но не успеал да воспостави контрола врз автобусот.

Според обвинителството, главни причини за тешката сообраќајна несреќа се неприлагодената брзина и намалениот капацитет на системот за кочење на автобусот.

Според истрагата за првиот и вториот осомничен, ќе има кривична пријава за тешки дела против безбедноста и сообраќајот, како и за другите осомничени, но по друг член од ЗКП.

Седмото лице издал потврда дека тахографот е исправен, без да направи проверка и тој поради тоа ќе добие соодветна кривична пријава.

Седумината се лишени од слобода и се во полициска станица каде даваат изјави.

Ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка и ќе се побара притвор, освен за седмото лице.

Обвинителот Сашо Рајчев извести дека во текот на истрагата се испитани 47 лица . Изготвено е вештачење од Машински факултет за исправноста на автобусот изготвено е вештачење од Електро-технички за тахографот, како и медицинско и сообраќајно вештачење.

МВР утврдило дека возачот не го употребувал мобилниот телефон за време на возењето.