Сексистички и простачки пораки на беровскиот градоначалник кон новинарката Такева

Драги Наџински, градоначалник на Берово, упати сексистички, недолични и скандалозни  пораки кон Даниела Такева, новинарка на регионалната ТВ Стар со седиште во Штип. Такева неколку години е дописник на оваа телевизија од Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица, oд каде честопати известува и критички за определени настани. Во изборот на регионалниот центар на новинари „Исток“, токму Такева е прогласена за најдобар новинар во регионот за 2016 година-пишува порталот Исток прес.

Правејќи прилог за дрвото секвоја во едно малешевско село, Такева погрешно го изговорила името на дрвото заменувајќи две букви во него. Тоа било доволен „повод“ градоначалникот Наџински да упати недолични и сексистички пораки кон Такева. Тоа Наџински го направи преку фејсбук страницата „Берово засекогаш“.

screenshot_2

„Оваа  e неписмена. Не знам каква награда добила, но знам кој и ја доделил.   Таа е новинарска проститутка ништо повеќе. Сега знам за овој мој коментар ќе напише нешто лошо за мене или за Берово, но се навикнавме, не е страшно, ја прочита народот“, напиша Наџински.

На неговата „интелектуална порака“ реагираше беровецот Ванчо Бакрачевски со постот – „Е па Драги, по се изгледа ти ја почна“.

Градоначалникотпродолжи во истиот стил:

„Ако мислите на зборот „проститутка“ се мисли на новинарска, за сексуална ни на памет не су зошто за таа нема кој пари да даде за такви работи“, заклучи Наџински.

Регионалниот центар „Исток“ кој е во рамките на ЗНМ, најостро реагира заради сексистичките пораки на беровскиот градоначалник Драги Наџински, а се разгледува можноста овој Центар да поднесе тужба против него.