Села: Можеби Заев е еден од организаторите на настаните на 27 април

Лидерот на Алијанса на Албанци, Зијадин Села, во интервју за Студио10 на тв24, рече дека би сакал да биде во емисија со Зоран Заев за да се разјаснат некои работи околу настаните на 27 април пред три години, кога тој речиси беше убиен од толпа народ која влезе во Собранието.

Прашан како гледа на овие настани и како може сега да биде во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, тој рече дека се поставува прашањето која е улогата на Зоран Заев на 27 април, а не само на Никола Груевски.

Села го постави ова прашање испровициран од неодамнешното сведочење на Заев пред судот во кое од одговорност за крвавите настани во Собранитео ги ослободи Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.

Рече дека човекот кој му го спаси животот е осуден на 7 годишна затворска казна затоа што не ја спречил толпата да влезе во Собрание, а Заев го амнестира Вељановски и пратениците на ВМРО ДПМНЕ кои ги отворија вратите и ја пуштија толпата да влезе внатре.

Села жестоко го критикуваше Заев дека неколкупати му забил нож во грб, ги спомна локалните избори истата година кога лидерот на СДСМ му даде поддршка на Рамиз Мерко, директно застанувајќи против кандидатирата за градоначалник на Струга на лидерот на АА.

И не само тоа, вели Села. Зоран Заев е човекот кој најмногу лаже и не ги исполнува своите ветувања. Тој не си стои до дадениот збор, а јас се раководам по овие принципи, рече Села.

Искажа подготвеност да стори сѐ што е потребно да ги симне ДУИ од власт, вклучувајќи и коалиција со ВМРО ДПМНЕ.