Селдин Салиу од Требиште првак во уметничко лизгање во Италија

Дванаесетгодишниот Селдин Салиу, чие семејство потекнува од долнореканското село Требиште го освои првото место на престижниот Куп во уметничко лизгање, одржан неодамна во Торино, Италија. Малиот талент во уметничко лизгање ја доби шампионската титула во категоријата кадети, каде се натпреваруваше во силна конкуренција на најдобрите лизгачи од целата држава, пишува порталот Гостиварпрес.

Ова е само еден од спортските успеси на Селдин, за кого лизгалиштето е втор дом, каде го поминува поголемиот дел од своето слободно време. Тој започнал да се занимава со уметничко лизгање кога имал пет години. Досега има освоено многу награди на професионални натпревари во Италија. На неговите полици се наоѓаат шеесетина пехари и медали. Првиот пехар го освоил во 2012-та година, кога имал седум години. Член е на клубот ,,Ангели на мразот“, а негов тренер по уметничко лизгање е Илариа Давере, некогашен национален шампион на Италија.

Селдин бил бебе, кога неговите родители Алисан и Сумеја Салиу, од родното Требиште се преселиле во гратчето Фелтре, во северниот дел на Италија.

Со освојувањето на шампионската титула, талентираниот лизгач си обезбеди учество на натпревари во уметничко лизгање од елитен ранг.

Извор:Гостиварпрес