Семејна фотографија и тегла ајвар на еден од профилите на Филан Митрев

Филан Митрев, 25 годишен Македонец со германско државјанство, деновиве седна пред германскиот суд да одговара за кривично дело тероризам.

Презимето на овој млад човек предизвика големо внимание во македонската јавност, бидејќи се работи за првиот син на познатиот кардиохируг д-р Жан Митрев, од неговиот прв брак.

Д-р Митрев вчера се огради од него.

Митрев даде две изјави за порталот „А1 он“ , од кои е нејасно дали лекарот се откажал од неговиот син или во целост демантира поврзаност со осомниченото лице.

„Тоа не е мој син. Случајно има исто презиме како моето“, изјави Митрев вчера.

На дополнително прашање да објасни подетално што сака да каже со таа изјава, тој одговорил: 

„Јас немам ништо со тоа. Секој човек на 25 години одговара за своите постапки. И тоа не е мој син!“.

Филан Митрев има неколку профили на социјалните мрежи, а на Инстаграм датираат фотографии од 2014 година, меѓу кои и насловната под која стоиинствено-,,фамилија“.

На истиот профил е постирана и оваа фотографија.

Од профилот на Инстаграм на Филан Митрев

Другите негови профили на социјалните мрежи, од каде всушност германската полиција дознала дека подготвува терористички напад, ја покажуваат неговата трансформација и на физички и на личен план.

Па може да се забележат содржини со арапско писмо, нејасни фотографии кои асоцираат на жени во бурка и слично.

Лично тој се трансформирал од момче со уредна фризура во лик со брада и елементи на гардероба кои асоцираат на муслимански фанатици или терористи.

Германските медиуми јавуваат дека Филан во меѓувреме ја сменил верата и станал муслиман.

Детали за судењето на Филан Митрев објави Дојче Веле, ви го пренесуваме текстот во целост:

„Бев наивен“, беше една од ретките реченици кои Филан М. ја изусти пред судијата во Франкфурт каде е обвинет за серија сериозни кривични дела. Првото рочиште во случајот во кој е обвинет 25-годишниот Германец со македонско потекло во детали го следеше новинарот на весникот Франкфурте Рундшау.
Во ноември 2019 година, Филан М. беше уапсен од германската полиција заедно со уште двајца осомничени на 21 и 22 години од турско потекло, под сомнение за подготување на терористички напад.
Неговите потенцијални соучесници подоцна беа ослободени поради недостаток на докази, но Филан М. беше обвинет и се соочува со долгогодишна затворска казна. Обвинителството го товари дека планирал самоубиствен бомбашки напад врз еден ресторан во Заксенхаузен во близина на Франкфурт. 

„Салафистот“, како што го нарекува Франкфуртер Рундшау, за таа цел набавил хидроген пероксид, ацетон, батерии и сулфурна киселина како и електронски делови за бомба. Нападот не успеал затоа што Филан М. се пофалил на социјалните мрежи пред да ја спроведе својата цел. Притоа, тој се обидувал на интернет да набави и автоматско оружје и муниција. Но и тој обид не успеал затоа што при купувањето Биткоини за кеш по очаен курс, Филан М. всушност налетал на измамничка фирма. Единственото во што успеал Филан М. е да натепа некој недолжен човек на улиците на Офенбах, како и друг затвореник во затворот каде бил притворен.
Притоа ова не е првпат Филан М. да се соочува со германскиот правосуден систем. Во 2016 година беше осуден и одлежа 2,5 годишна затворска казна поради изнуда и физички напади.
„Патот до верата“, пишува Франкфуртер Рундшау, „Филан М. го пронашол токму во затворот во Франкфурт. Преминал во Ислам и станал голем поборник на Исламската држава.
„Љубовта кон Бога останала со него и по напуштањето на затворот во април 2019, а паралелно со неа и омразата кон државата и Западот. И бил лут на државата затоа што одбила да му финансира отворање на киоск, туку го вратила назад во детската соба кај неговата мајка и очувот. Западот го замразил затоа што на Интернет постојано гледал видеа од ракетните напади на анти- ИС коалицијата врз стари луѓе и мали деца, и тоа многу го разлутило“. 
Оттука си земал обврска, против овие бомбашки напади да протестира со сопствен бомбашки напад.
„Притоа, самоубиствениот напад му се чинел како најбрзо бегство од детската соба, затоа што по таквиот чин се оди директно во рајот и се исполнува обврската“.
Новинарот на Франкфуртер Рундшау наведува дека Филан М. всушност потекнува од богато семејство. Неговиот татко е сопственик на клиника, мајка му е медицинска сестра, и нему во детството ништо не му недостасувало. Но, уште на 13-годишна возраст почнал да пуши марихуана и тука започнале проблемите. Откако бил исфрлен од две гимназии, избегал и од двата интернати во кои го испратиле. Во обид да го спаси синот, неговиот татко му ја финансирал и желбата „да учи кунг-фу во Кина“, но и тој сон се распаднал по шест месеци. По враќањето успеал да заврши средно училиште, но повторно се нашол во проблеми, па мајка му го исфрлила од домот.
„Имав среќно детство. Никогаш не ме удриле. Сакав само да им покажам на моите родители дека можам сам да си го најдам патот. И дека тој пат е добар“, изјави Филан М. на претходното судење за изнуда и насилство.

DW.COM

АКО.мк